• среда, 25 декември 2024

Вакцинирани 220.733 граѓани, интересот за вакцинација се зголемува

Вакцинирани 220.733 граѓани, интересот за вакцинација се зголемува
Скопје, 23 мај 2021 (МИА) - На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 220.733 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.123 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 4.148 граѓани. Во државата, како што соопшти Министерството за здравство, вкупно се аплицирани 259.577 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани. -Со последните бројки 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 39 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега 398.243 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk , информираат од Министерството. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид. Од Министерството за здравство апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што посочуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат. рп/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан