• четврток, 26 декември 2024

Вакцинација против беснило кај домашни миленици во Куманово

Вакцинација против беснило кај домашни миленици во Куманово
Куманово, 2 февруари 2021 (МИА) - Редовно тече вакцинацијата против беснило кај домашните миленици во Куманово, информираа денеска надлежните од  ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“. Вакцинацијата се спроведува секоја година од јануари и завршува до март месец.
- Секоја година имаме помал број на сопственици кои ги вакцинираат миленичињата. Сега се обврзани да ставаат и чипови кои извесен период беа бесплатни, сега веќе се наплаќаат. Мислам дека тоа е една од причините поради која сопствениците одбегнуваат да ги вакцинираат миленичињата, изјави ветеринарниот лекар, Димитар Венев, од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.
Цената за вакцината е пропишана и изнесува 590, но се вкупно, со цената за чип и пасош чини околу 800 денари. На годишно ниво во овој центар се вакцинираат околу 1500 до 2000 миленици, но тоа не е конечна бројка, бидејќи во Куманово има и други ветеринарни амбуланти. - Што се однесува до бројот на бездомни животни тој расте, што според мене се должи на приливот на кучиња од рурални средини, на дел од неодговорни сопственици кои ги пуштаат своите миленици, на дел од маалските кучиња кои неконтролирано се размножуваат. Добро е државата да размисли, да собере средства и да овозможат бесплатна кастрација, изјави Венев. На ниво на Куманово, годишно се заловуваат околу 400 до 500 кучиња скитници.ам/фф/

Остани поврзан