• недела, 24 ноември 2024

Бургас и ЕСО ќе работат на пилот-проект за водородни автобуси

Бургас и ЕСО ќе работат на пилот-проект за водородни автобуси
Софија, 13 ноември 2022 (МИА) - Бургас планира да купи автобуси напојувани од водородни горивни ќелии. Како партнер во проектот, станиците за полнење ќе ги гради Операторот на електроенергетскиот систем ЕАД (ЕСО), најави градоначалникот на Општина Бургас, Димитар Николов, кој претходно денеска заедно со министерот за енергетика Росен Христов и извршниот директор на ЕСО Ангелин Цачев изврши увид во поправката на трафостаницата „Хоризонт“. Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.    „Со операторот на енергетскиот систем се договоривме Бургас да послужи како пилот проект - општината ќе ги набави автобусите, а тие ќе ги изградат станиците за полнење на зелен водород. Со тоа ќе се затвори кругот за снабдување и потрошувачка на гориво, што ќе има позитивен економски ефект. Има неколку земји во Европа кои користат водород за јавен превоз“, рече Николов. Електричните автобуси што моментално ги користи општинскиот превозник „Бургасбус“ сообраќаат само на градските линии, бидејќи немаат техничка можност за поврзување со околните населени места. "Ни недостигаат километри во енергија. Токму тоа компензира водородот. Размислуваме да аплицираме за имплементација на овој проект во рамките на норвешката рамковна програма. Знаеме дека општина Осло успешно ја разви оваа технологија и користи автобуси со водород за приградски линии“, рече градоначалникот на Бургас. Возниот парк на општинските транспортери се состои од машини кои користат метан, дизел и електрична енергија. Според Николов, колку помалку ќе се користат автобуси со мотори со внатрешно согорување, толку економски и финансиски ќе биде постабилна компанијата „Бургасбус“. „Доколку во ова вклучиме водороден погон за вонградските линии, ќе бидеме посигурни од економска гледна точка. Во моментов правиме анализа за да знаеме колку автобуси ќе бидат потребни според врските меѓу населени места во општината и областите на градот“, рече градоначалникот на Бургас. БТА ____________________________________________________________________________ Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА    

Остани поврзан