Бунт во прифатниот центар во Ѓадр, тројца мигранти полесно повредени со нож
- Само неколку дена по пристигнувањето на албанска територија и сместувањето во прифатниот центар во Ѓадр, Албанија, мигрантите донесени од Италија предизвикале тензична ситуација.

Тирана, 16 април 2025 (МИА) - Само неколку дена по пристигнувањето на албанска територија и сместувањето во прифатниот центар во Ѓадр, Албанија, мигрантите донесени од Италија предизвикале тензична ситуација.
-Иако ситуацијата однадвор делува мирна, италијанските медиуми откриваат дека два дена состојбата внатре во центарот била тензична, објави Топ чанел.
Телевизијата, наведува дека италијанските медиуми објавиле дека дел од мигрантите кои од 11 април се во Ѓадр се побуниле, па дури и извршиле и насилнички акти.
Според италијанските власти, цитирани од медиумите, околу 20 мигранти ги оштетиле собите во кои престојуваат, уништиле и дел од опремата во нив, а тројца од мигрантите се здобиле со полесни повреди со нож.
Веднаш по инцидентот, италијанските власти, кои управуваат со се што се случува внатре во кампот, реагираа со ставање на проблематичните имигранти во изолација, кои се држат под надзор.
-За тензијата во албанскиот камп, италијанските медиуми го прашаа нивниот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, кој потврди дека контингентот е проблематичен, бидејќи меѓу нив има обвинети или осудени за тешки кривични дела, вклучувајќи обид за убиство, сексуално насилство, повреди, детска порнографија, кражби, грабежи и поседување наркотици, пренесува Топ чанел.
Телевизијата додава дека 40-те имигранти кои на 11 април пристигнаа во Шенѓин со бродот „Либра“ се криминален контингент, на кои им бил одбиен азил во Италија. Тие ќе останат во кампот Ѓадр додека не бидат вратени во нивните земји на потекло. Максималниот период на престој во Албанија ќе биде 18 месеци.
Првично, кампот Ѓадр беше замислен за привремено сместување на барателите на азил спасени на море од италијански бродови и тука требаше да останат еден месец.
Но, со новата уредба на владата на Џорџа Мелони, „Ѓадр“ ќе служи како центар за задржување на мигрантите кои повеќе немаат право на азил и се очекува да бидат депортирани во земјите од каде потекнуваат. вт/
Фото: Принтскрин