• среда, 27 ноември 2024

Бундестагот ја олесни процедурата за стекнување германски пасош и двојно државјанство

Бундестагот ја олесни процедурата за стекнување германски пасош и двојно државјанство

Берлин, 19 јануари 2024 (МИА) - Германскиот парламент вчера, со гласовите на претставниците на партиите од владејачката коалиција, го донесе новиот Закон за државјанство, со кој се олеснува стекнувањето германски пасош и се дозволува двојно државјанство.

-Тоа е признание за оние кои доаѓаат во оваа земја и придонесуваат за функционирањето на ова општество, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, алудирајќи на големата потреба на Германија за квалификувана работна сила од странство.

Според новиот закон, странците кои живеат во Германија можат да аплицираат за државјанство по пет, наместо претходните осум години законски престој во земјата. Во случаи кога апликантот покажува посебен напредок во процесот на интеграција, како што се брзо учење германски јазик, напредок во работата, барањето може да се поднесе и по три години.

Во иднина е дозволено двојно државјанство, кое досега беше дозволено само во исклучителни случаи, како и за граѓаните на Европската унија.

Апликантите за државјанство, исто така, ќе треба да потпишат  верност кон германскиот уставен поредок. Во случај на непочитување на германскиот Устав, особено на делот поврзан со расизам, антисемитизам и дискриминација врз основа на пол, државјанството може повторно да се одземе во рок од десет години.

По ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и глорификацијата на Хамас меѓу делови од германското население, германската Влада во нацрт-законот за државјанство вметна изјава за посветеноста на антисемитизмот и „специјалната историска одговорност на Германија за националсоцијалистичкиот режим“ и „заштитата на еврејскиот живот“.

Потенцијалните апликанти за германски пасош, исто така, ќе треба да можат финансиски да се издржуваат себеси и своето семејство. Исклучоци постојат за т.н. генерација на првите гастарбајтери, кои поради тоа што работеле на пониско платени работни места, денес добиваат помали пензии и затоа зависат од државна помош.

Децата на странците во Германија автоматски ќе добијат германско државјанство под услов барем еден родител да живее во Германија најмалку пет години. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан