• четврток, 19 декември 2024

Буданов: Сакаме Русија да ја извлечеме од нејзината комфорна зона

Буданов: Сакаме Русија да ја извлечеме од нејзината комфорна зона

Киев, 18 септември 2023 (МИА) - Шефот на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана на Украина, Кирило Буданов, изјави дека украинските сили сакаат да ги извадат Русите од нивната комфорна зона.

Според него, има три главни цели за новата кампања на Украина со беспилотни летала против Русија, а тоа е да се истрошат руските противвоздушни системи, да се оневозможи воениот транспорт и бомбардери и да се оштетат воените производствени капацитети.

-Секундарната цел е психолошка, да се создаде вознемиреност кај руското население и да се нарушат економските процеси во Русија. Сакаме да ги извадиме од нивната комфорна зона. Затворањето на главните аеродроми во Санкт Петербург и Москва, на пример, стана речиси секојдневна појава, вели Буданов во интервју за Економист.

Тој смета дека беспилотните летала ќе ги олеснат операциите за ослободување на нивните територии.

Буданов ги отфрли сугестиите дека новиот ударен капацитет ризикува ескалација на конфликтот или дека Украина ќе ја игра улогата на агресор.

Според него не може да има разговори за прекин на огнот или мир и нагласи дека не ги разбира оние кои предвидувале брз колапс на руските одбранбени линии. Русија, а не Украина, додаде тој, има причина за загриженост.

-Нејзината прва линија на одбрана на многу важната јужна оска во Запорожје веќе е пробиена на некои места, што значи дека операцијата за прекин на копнените врски меѓу Русија и Крим може да се изврши само пред зимата, вели Буданов.

Тој заклучи дека долгата војна е опасна за Украина, бидејќи ги исцрпува не само нејзините домашни ресурси, туку и ресурсите на нејзините западни сојузници. мс/

 

 

Остани поврзан