• недела, 17 ноември 2024

Бугарски историчари и филолози пред празна сала во Европарламентот ја претставуваа „Вистината за Македонија“

Бугарски историчари и филолози пред празна сала во Европарламентот ја претставуваа „Вистината за Македонија“
Стразбур, 7 јуни 2022 (МИА) - Група бугарски историчари и филолози денеска во Европскиот парламент (ЕП) ги презентираа причините за бугарското вето за старт на преворите на Северна Македонија за членство во ЕУ, на едночесовен настан насловен „Вистината за Македонија“, кој не предизвика големо внимание кај европратениците и беше следен само од неколкумина од нив, јави дописникот на МИА. Настанот не беше на официјалната агенда на Европскиот парламент, а негов организатор беше бугарскиот европратеник од групата „Конзервативци и реформисти“ Ангел Џамбаски. На настанот професорите Ана Кочева, Николај Овчаров, Спас Тасев, Пламен Павлов и Владимир Митов во нивните излагања ставија акцент на тезите дека „до 1944 година Бугарија и Северна Македонија имаале заедничка историја“, како и дека македонскиот јазик е „книжевна норма која произлегува од бугарскиот“. Митов во изјави дека „Грција ја блокираше Македонија 28 години, а никому не му беше грижа“, а сега кога Бугарија го прави истото таа е „прикажана како негативец“, додека Овчаров рече дека „не постојат историски извори за одвоено етничко македонско постоење до 20-от век“. На крајот Џамбаски најави дека ова е само прва од серијата на вакви настани за прикажување на „Вистината за Македонија“. Европскиот парламент на 19 мај со огромно мнозинство го усвои Извештајот со кој се повикува на брз почеток на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и во кој беше нагласено дека блокирањето на стартот на преговорите претставува сериозна закана за политиката на проширување на Унијата, особено во контекст на војната во Украина и економската и енергетска зависност на Западниот Балкан од Русија и Кина. За две недели лидерите од земјите од Западниот Балкан ќе учествуваат на Европскиот совет во Брисел, при што ЕУ не ја крие желбата да даде јасен став на овој самит за пристапувањето на Северна Македонија и Албанија, за што доказ е и ангажирањето на француското претседателство со Советот на Унијата и лично на претседателот на Франција, Емануел Макрон за изнаоѓање на решение и за повлекување на бугарското вето за страт на преговорите. тг/сп/

Остани поврзан