• среда, 27 ноември 2024

Бугарските социјалисти не зазедоа став за бараната оставка на министерот за одбрана Стефан Јанев

Бугарските социјалисти не зазедоа став за бараната оставка на министерот за одбрана Стефан Јанев
Софија, 27 февруари 2022 (МИА) - Бугарската социјалистичка партија, која е дел од владата, одлучи да не ја коментира оставката на министерот за одбрана Стефан Јанев. Ова го соопшти вицепремиерката и лидер на БСП Корнелија Нинова на брифинг во седиштето на партијата по состанокот на Националниот совет, на кој темите беа поврзани со усвоениот буџет на Бугарија и она што се случува во Украина. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Нинова, министерот за одбрана на Бугарија е предлог на партијата „Продолжуваме со промената“, која победи на парламентарните избори и добро е прво да се слушне нивното мислење, а потоа да се реши прашањето. Таа рече дека прашањето за оставка на Стефан Јанев не е разговарано ниту на лидерско ниво во коалицијата, ниту во Народното собрание. „Демократска Бугарија“, која исто така е дел од владејачката коалиција во земјата, побара од своите партнери да го сменат Јанев, бидејќи тој не го користи зборот „војна“ од почетокот на воената акција на Русија против Украина. Министерот за иновации на Бугарија Даниел Лорер денеска изјави дека прашањето дали Стефан Јанев треба да биде сменет од функцијата министер за одбрана треба да го покренат премиерот Кирил Петков и останатите коалициски партнери. Лорер ги коментираше заедничките акции на ЕУ и НАТО во однос на руската воена инвазија на Украина и рече дека Бугарија мора да биде солидарна со заедничките акции. нк/паг/  

Остани поврзан