• четврток, 26 декември 2024

Бугарската амбасада донираше реквизити и играчки на штипската градинка „Астибо“

Бугарската амбасада донираше реквизити и играчки на штипската градинка „Астибо“

Штип, 7 ноември 2023 (МИА) - Градинката „Астибо“-Штип доби реквизити за децата од Амбасадата на Бугарија во Република Северна Македонија. По тој повод денеска во посета на Штип и на градинката „Астибо“ беше и амбасадорот на Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, кој истакна дека имаат годишна Програма за помош за развој, која изнесува од 500.000 до 600.000 евра.

-Правиме различни проекти во различни области, овде во 2021 година склучивме договор со општината и со детската градинка „Астибо“ за овие реквизити. Ние сме многу задоволни од реализацијата на проектот и сакам да се заблагодарам на директорот и соработката ќе продолжи, вели Ангелов.

Тој најави дека помошта и поддршка ќе продолжи и во 2024 година и се надева дека директорот на детската градинка „Астибо“, Илија Митров ќе направи добар проект, со кој ќе аплицира до амбасадата на Бугарија

Прашан како можат да се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија, Ангелов кусо одговори дека зависи од исполнување на договорот меѓу двете држави и Европската унија. Дополнително на новинарско прашање со што можат да се подобрат тие односи, Ангелов истакна дека тоа веќе се прави со низа на проекти, како што се дневниот Центар за аутизам во Скопје, потоа во Охрид, сега се гради и во Тетово.

-Надевам се дека ќе направиме и за возрасни лица со аутизам, каков што воопшто и го нема во Република Северна Македонија, вели Ангелов.

Посочи дека и неговата сопруга е вклучена во кампањата против семејното насилство, а годинава во фокус се децата, кои се жртви на семејното насилство, за да се подигне свеста за овој проблем.

Директорот на градинката „Астибо“, Илија Митров вели дека со реализација на овој проект децата добиваат нови реквизити, играчки кои ќе може да се користат во иднина, а е дел од проектот за развој на државата помогнат од бугарската амбасада.

-Ова е донација или грант од страна на Амбасадата на Република Бугарија кон нашата градинка, и станува за грант од вкупен Буџет од 59.740 лева или некаде околу 35.000 евра за што ние како град и градинка сме многу благодарни. Со овие детски реквизити за сите возрасни групи во оваа градинка ќе може децата да уживаат и да ги користат истите, вели Митров.

Тој се надева дека наредната година ќе продолжи соработка со амбасадата на Бугарија со нов проект од областа на екологијата. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан