• сабота, 23 ноември 2024

Бугарија и Северна Македонија - и со новата влада со стариот однос, соработката мора да продолжи

Бугарија и Северна Македонија - и со новата влада со стариот однос, соработката мора да продолжи
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Без оглед на изборните резултати од четвртите предвремени парламентарни избори што се одржаа на 2 октомври, и каква влада ќе биде формирана политичка или техничка, не може да се очекува промена на ставовите на официјална Софија во односот кон Скопје, оценуваат во коментар за МИА политичките аналитичари и наши поранешни амбасадори во Република Бугарија Ѓорги Спасов и Марјан Ѓорчев. Амбасадорот Спасов наведува дека засега никој нема моќ тие ставови да ги промени. Сите се обрзани со Декларацијата на бугарското Народно собрание и со францускиот предлог кој го прифати и Северна Македонија. - Притисокот ќе биде врз Македонија да се смени Уставот, а потоа следува долг период на разговори за членство во кој е можно подобрување на односите меѓу двете земји. И сега во двете земји се чуствуваа веќе замор од празна реторика, и станува досадно повторувањето на едни те исти работи. Соочени со заканите од можна светска војна ЕУ и САД ќе вршат притисок за побрзо решавање на спорови кои го спречуваат целосното интегрирање на Македонија во ЕУ. Покрај се, Бугарија во тој спор не е миленик ниту на САД, ниту на другите членки на ЕУ и тоа Македонија треба да го искористи, спокојно и без големо вознемирување, оценува Спасов. Во услови на енергетска, економска и безбедноста криза со оглед на војната во Украина и како би се одразил на земјата и регионот евентуалниот неуспех за формирање влада, тој посочува дека не е уште јасно дали за една земја е подобро да нема влада, да има нестабилна и блокирана влада или да има лоша влада. -За нас како сосед, би било убаво да се формира стабилна влада во Бугарија без учество на ултранционалистите, и да продолжи соработката на сите проекти за кои беа постигнати договори со владата на Кирил Петков. Но, тоа веќе најмалку зависи од нас. Ние ќе мора да соработуваме со секоја влада што тие ќе си ја изберат. Неспособноста на партијата Има таков народ да состави влада или да биде дел од некоја функционална влада ги чинеше исчезнување од бугарската политичка сцена и таа лекција сигурно ќе ја научат и другите партии во Бугарија, подвлекува Спасов. Амбасадорот Ѓорчев исто така се согласува дека што и да се случи во Бугарија, независно од тоа дали ќе се формира широка коалицона Влада или ќе остане техничкото управување со државата од страна на претседателот Румен Радев, ништо нема да се промени во односот на бугарските институции - Претседател, Собрание, Влада кон РС Македонија. -Ние сите во македонска држава треба еднаш да разбереме, дека вековната бугарска стратегија кон тн „македонско прашање“ е научно фундирана, пренесена на генерации и генерации бугарско население преку образовниот систем и социјалниот инжењеринг, така што ниту една политичка гарнитура во Р. Бугарија нема сили да излезе од тој „општествен шаблон“ во кој што едноставно кон нас Македонците-како држава, нација, јазик, се гледа исклучиво низ призмата на наше државничко и национално постоење од 2 август 1944 година. Тоа е огромен товар на плеќите на бугарската политика, така што ќе биде потребен долг период на време да се дојде во Р Бугарија до сознание, за потребата од рамноправен и симетричен дијалог во двонасочната македонско-бугарска комуникација, подвлекува Ѓорчев во коментарот за МИА. вг/са/

Остани поврзан