• четврток, 26 декември 2024

Бугарија ги укинува таксите за транзит на руски гас низ нејзина територија (ДПЛ)

Бугарија ги укинува таксите за транзит на руски гас низ нејзина територија (ДПЛ)

Брисел, 12 декември 2023 (МИА) – Бугарската Влада се согласи да ја укине воведената такса за транзит на рускиот гас низ територијата на Бугарија, со надеж дека таквата „отстапка“ би помогнала во деблокирањето на приемот на земјата во Шенген зоната. 

Според лидерот на една од двете водечки владејачки партии Промената продолжува (ПП) и поранешен бугарски премиер Кирил Петков, ваквата одлука е во рамки на определбата на Бугарија да го следи заедничкиот европски пристап. 

- Оваа такса не треба да биде еднострано воведена од страна на Бугарија. Неопходно е да работиме со Европската комисија со цел заедно со сите европски земји да воведеме давачки кои всушност ќе имаат ефект и врз економијата на Руската Федерација, додаде Петков. 

Според него, Бугарија ќе ја спроведе одлуката за ваквата такса, тогаш кога Европската комисија ќе создаде механизам за воведување на овој надоместок. 

Првиот човек на втората водечка партија во владината коалиција Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и исто така поранешен премиер Бојко Борисов, оцени дека оваа такса не би требало да биде пречка за приемот на земјата во Шенген зоната.     

- Бидејќи сме доста блиску до Шенген, треба да се отстрани секоја можност оваа такса да не попречи во тоа, рече Борисов. 

Бугарската Влада ја воведе оваа такса во октомври со очекување да прибере околу 2,4 милијарди евра од транзитот на рускиот гас низ територијата на земјата. 

Најголеми последици од ваквата такса се очекуваше да имаат Унгарија и Србија, кои проценија дека оваа давачка ќе резултира со зголемување на цената на гасот за крајните корисници за околу 20 отсто и побараа од Софија да се откаже од нејзиното воведување. 

Србија и Унгарија официјално се обратија до Европската комисија со барање да реагира во врска со бугарските такси.

- Унгарија е членка на ЕУ и смета дека воведувањето на овие давачки е спротивно на овие европски правила, изјави претходно српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и посочи дека постојат примери каде таквите одлуки биле суспендирани во минатото.

Уште при воведувањето на таксата, некои бугарски енергетски експерти проценија дека се мали шансите Бугарија да ја наплати оваа давачка од руската енергетска компанија „Газпром“, од причина што гасоводот низ кој транзитира енергенсот „тешко може да се оквалификува како руски“, бидејќи низ него минува гас од неколку извори. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан