• недела, 24 ноември 2024

Бубевски: За тендерот за надзорот на „Бехтел и Енка“ по допрен глас може да постапува ОЈО ГОКК

Бубевски:  За тендерот за надзорот на „Бехтел и Енка“  по допрен глас може  да постапува ОЈО ГОКК

Скопје, 11 март 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје, по закон, не може да постапува по предмети за јавни набавки, туку таа надлежност ја има ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, вели  шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски.

Прашан во врска со случајот со јавната набавка за избор на консултант, односно надзор на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ и конкретно за инструментот „допрен глас“, кој често се споменува во јавноста, Бубевски појаснува дека тоа е еден од трите инструменти што обвинителите ги имаат на располагање за започнување на постапка, но и дека тој се користи само доколку институциите претходно затаиле.

-Инструментот на допрен глас во ОЈО Скопје го користиме во ситуација кога гледаме дека институциите на откривање на кривичното дело претходно затаиле и само во тој случај јавното обвинителство почнува да постапува по допрен глас. Доколку другите институции што имаат откривачка функција го работат предметот и дојдат до соодветни сознанија, ќе изготват кривична пријава и потоа постапуваме по тоа, вели Бубевски.

Во однос на двократното убиство што се случи на почетокот од неделава во угостителски објект во Старата скопска чаршија, Бубевски рече дека засега информациите што ги имаат се оние што ги знае јавноста и дека предистрагата на ОЈО не може да премине во истрага се додека е непознат идентитетот на убијците. Засега за мотивите на убиството, рече не може ништо да каже, освен што, како што вели, се искристализирува дека се работи за позиции на нарко пазарот.

-Кога би дошле до сознание кои се извршители и кои се евентуално нарачатели на ова кривично дело, во тој случај веќе се отвора истрагата и продолжува формалната постапка што си има свои посебни правила на постапување, рече тој и додаде дека откако е запалено возилото нема повеќе информации, зашто тој дел не е покриен со соодветен видео надзор.

Тој наведе дека околу 50-тина чаури се пронајдени околу телата на двајцата убиени, но колку завршиле во нивните тела треба да потврди извшетајот од судска медицина кој се уште не го добил. 

-Колку точно рани има во телата на убиените се знае, но и јас сè уште го немам тој податок, го немам извештајот од судска медицина, но 40 до 50 чаури се пронајдени околу телата на убиените. Најголем дел од куршумите се завршени во нивните тела, односно многу малку се завршени надвор“, изјави Бубевски во емисијата.

Убиството е извршеное во понеделникот, вечерта, кога неколкумина маскирани лица влегле во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија и ги егзекутирале Јетон Кривањева и Енес Исени. вг/вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан