• недела, 24 ноември 2024

Бубевски: Tаткото посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома

Бубевски: Tаткото посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Главниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Габрил Бубевски рече дека тројца од осомничените го признале делото. За убиствата, кои ги оквалификува како грозоморни, рече дека се предвидени максимални затворски казни. 

- За тројца од петмината инволвирани за кои постои сомневање, имаме признание за целокупниот нивен ангажман во настанот и кој за што бил задолжен во ова кривично дело. Од сето ова можеше да се дефинира дека извршиле две кривични дела – грабнување, кои се поврзани со делото користољубие, грабнување заради корист. Имаат извршено и две кривични дела – убиства, со поврзаност на двете дела, со што тоа добива најтешка кривична казна, рече Бубевски.

На тројцата приведени им е определена мерка од притвор од 48 часа затоа што се уште во тек е обработката на податоците кои се од материјална природа. 

Во однос на инволвираноста на таткото, на прес-конференцијата беше посочено дека двајца од осомничените ги добиле информаците од таткото кога девојчето ќе излезе од дома.  

Тоа се посредните докази со кои располагаме, рече обвинителот Бубевски, што насочува на истрага на таткото.

-За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото, рече Бубевски.

За тоа дали и таткото со осомничените бил во бизнис-врска, Бубевски рече дека истражните дејства се насочени во тој правец. 

Бубевски на пресот прецизира дека првоосомничениот, кој е во бегство, е организатор и реализатор на убиствата. Во однос на прашањето за алибито на таткото на денот на случувањето на кривичните дела, односно дали тој директно бил инволвиран во киднапирањето и имал физички контакт со другите осомничени обвинителот првично рече „да“, но не изнесе повеќе детали, како што рече, поради интерес на истрагата. 

Обвинителот рече дека е важно јавноста да не шпекулира за евентуална проблематична инволвираност за мајката на Вања.

- Мајката нема никаква активност од проблематична природа, рече Бубевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој даде повеќе детали како е грабната Вања, рече дека засега информациите се дека лицето кое е надвор од државата, е директен извршител и најави дека тој ќе биде изведен пред лицето на правдата. 

-Во текот на истрагата ќе се прибираат одредени доказни материјали. Ќе биде издадена меѓународната потерница за лицето кое не е во државата и ќе известуваме за се што ќе добиеме, беше истакнато на прес-конференцијата. ар/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан