• сабота, 28 декември 2024

Бројот на заболени од коронавирус на крузерот во Јапонија се зголеми на 61

Бројот на заболени од коронавирус на крузерот во Јапонија се зголеми на 61
Токио, 7 февруари 2020 (МИА) - Бројот на патници заразени од коронавирус кои се наоѓаат на крузерот закотвен во Јапонија, а во кој има и тројца македонски државјани, се зголеми на 61. Стотици патници се затворени во своите кабини, а тестирањето продолжува. „Последните тестови направени кај 273 лица кои покажувале симптоми или биле во близок контакт со лица кои имале симптоми на вирусот покажуваат дека 61 лице е заразено“, соопшти јапонското Министерство за здравство. Доколку се појават симптоми и кај други лица, ќе се направат нови тестови. Пациентите ќе бидат префрлени во болниците во Токио и во соседните градови. Крузерот „Дајмонд Принцес“ со околу 3.700 патници е закотвен во јапонското пристаниште Јокохома и е во двонеделен карантин откако е откриено дека има заразени патници со коронавирус, соопштија здравствените власти во Јапонија.

Министерството за надворешни работи по информации добиени од јапонското МНР вчера попладне потврди присуство на тројца наши државјани на бродот. Оттаму истакнаа дека продолжуваат со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање.

Граѓаните на Република Северна Македонија кои се наоѓаат во Јапонија за подетални информации околу развојот на состојбите можат да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио на дежурниот телефонски број +81 80 4886 0103 или е-маил, tokyo@mfa.gov.mk.паг/лв/

Остани поврзан