• недела, 24 ноември 2024

Брнз: Со членството на Северна Македонија, НАТО дополнително се засили

Брнз: Со членството на Северна Македонија, НАТО дополнително се засили
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - НАТО е група од 30 суверени, независни земји кои споделуваат заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на нивните соседи и обезбедување посигурна, стабилна иднина за цела Европа. Посветеноста на Северна Македонија на овие принципи е несомнено силна. А со Северна Македонија, сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на  Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел. Како депозитар на НАТО, САД беа првите што и посакаа добредојде на Северна Македонија во Алијансата пред две години. -  Како рамноправен партнер, горди сме што стоиме обединети со Северна Македонија и секој НАТО сојузник во нашата желба „да живееме во мир со сите народи и сите влади“, порача Брнз, во своето видео обраќање. Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа. - Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства - Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години, изјави Брнз, во видео обраќање. НАТО е сојуз на дела и зборови, рече Брнз и додаде дека Северна Македонија продолжува да го почитува своето ветување дека ќе ја исполни обврската за инвестирање во одбраната до 2024 година. - Министерството за одбрана и Владата на Северна Македонија продолжуваат да прават чекори во надградба и модернизирање на војската на земјата преку нова опрема, обука на специјалните сили и зголемена подготвеност меѓу нејзините агенции за одговор на вонредни состојби од невоен карактер, изјави Брнз. Заменик помошничката на генералната секретарка за јавна дипломатија во НАТО, Кармен Ромеро, порача дека руската агресија врз Украина, ја донесе повторно клучната задача на НАТО, а тоа е заштитата на земјите кои се членки на Алијансата и нивните граѓани. - Во контекстот на оваа нова и неочекувана реалност, би сакала да ја пофалам нашата најнова членка – Северна Македонија, за вашата посветеност на НАТО, затоа што бевте навистина извонреден сојузник и клучен елемент за стабилноста на Западен Балкан. Напорот на Северна Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е навистина одлучен за сојузот, изјави Ромеро во своето видео обраќање. Одбележувањето на Денот на НАТО, нагласи Ромеро е важно, особено кога се наоѓаме во историска пресвртница, каде имаме сложена борба за нашите вредности и задржување на слободата и демократијата – наспроти автократија, владеење на правото, наспроти користењето на брутална сила. Претходно на настанот се обратија и премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Настан „Денот на НАТО – 4 Април“, е активност на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, служи како настан чија цел е да ја информира пошироката јавност за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата. аа/дма/

Остани поврзан