• среда, 25 декември 2024

Брнабиќ: Србија е пример за демократија во споредба со Хрватска

Брнабиќ: Србија е пример за демократија во споредба со Хрватска

Белград, 27 август 2024 (МИА) - Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави денеска дека „Србија е пример и светилник на демократија во споредба со Хрватска“ и наведе неколку примери кои, според неа, ја покажуваат разликата меѓу двете земји.

„Не е Република Србија таа што забрани на некого од Хрватска да го посети Крагуевац, Краљево или Јајинци, каде нацистите убиваа луѓе за време на Втората светска војна само затоа што беа Срби, Евреи или Роми, туку Хрватска е таа што му забрани на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да го посети најголемото губилиште на српскиот народ и најголемиот српски град под земја, каде што се наоѓал системот на усташки логори Јасеновац. Таа забрана е во сила и денес“, изјави Брнабиќ во писмено соопштение кое го пренесува Nova.rs.

Брнабиќ истакна дека „во Хрватска, а не во Србија, е можно некој да биде уапсен и осуден на затворска казна од 15 дена само поради изборот на музика што ја слушал во својот автомобил, како што се случило со граѓанинот на Србија, адвокатот Немања Бериќ“.

„Исто така, токму Хрватска е земјата која јавно го забрани влезот на претставници на државата Црна Гора, односно директни претставници на народот, членови на парламентот, само затоа што не им се допадна нивниот став за вашето нацистичко минато“, напиша Брнабиќ.

Таа вели дека Вучиќ „повика да се прекине со практиката на какво било задржување поради политички изјави или ставови на странски државјани на границите на Србија, иако тоа е сосема неуспоредливо со практиката на апсења и изрекување затворски казни за луѓе поради музиката што ја слушаат, целосна забрана за влез поради ставови и мислења или забрана без никакво објаснување, како што тоа го прави Хрватска“.

„Тоа е уште еден пример кој ја покажува јасната разлика меѓу вас и нас. Не сме исти“, заклучи Брнабиќ.

Претходно, претседателот на хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, изјави дека Србија не е демократска држава.

- Мораме да бидеме многу отворени и да кажеме дека Србија не е демократска држава. Ова што го направија со госпоѓа Вучковиќ (Северина) покажува како се однесуваат кон сите оние кои имаат поинакво мислење од владејачката структура во Србија, изјави Јандроковиќ за новинарите.

Со тоа се реферираше на неодамнешното апсење на едно лице во Београд поради сомнеж дека е хрватски шпион, како и на задржувањето на пејачката Северина Вучковиќ на српско-хрватската граница поради вербален деликт.

- Освен што седи на две столици, Србија е недоследна, непринципиелна и предизвикува регионални конфликти, рече Јандроковиќ.

- Мораме да бидеме попаметни и да не наседнуваме на провокации. Не сакам да им пропишувам како ќе пишуваат медиумите, но мислам дека би било паметно малку да го игнорираат Вучиќ, додаде тој.ссм/

фото: архива

Остани поврзан