• среда, 13 ноември 2024

Брнабиќ: Прифативме две од трите барања на опозицијата

Брнабиќ: Прифативме две од трите барања на опозицијата

Белград, 2 април 2024 (МИА) - Првиот колегиум на српскиот Парламент посветен на препораките на ОДИХР за изборите заврши вчера без договор, а опозицијата постави три услови за подобрување на изборите да бидат фер - комисија за избирачки списоци, средени медиуми и одржување на сите локални избори во ист ден.

Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ изјави дека се прифатени две барања на опозицијата - формирање независна комисија за контрола и ревизија на избирачкиот список и јавниот сервис да известува објективно и да биде подеднакво достапен за сите. Единствено, додаде таа, е што не можат да прифатат белградските и локалните да се одржат на ист ден, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ им се заблагодари на претставниците на опозицијата кои „конечно се одзваа на повикот“, потсетувајќи дека оваа влада спровела 54 препораки на ОДИХР, а „поранешната власт, сегашната опозиција, не спроведе ниту една“, додавајќи дека поранешната власт не го формираше ниту единствениот избирачки список.

Објаснувајќи зошто третиот услов е неприфатлив, Брнабиќ рече:

-Не можеме да ја прифатиме третата точка бидејќи длабоко навлегува во демократските норми и принципи, бидејќи се бара нечиј мандат насилно да се скрати или продолжи. Тогаш ќе немаме ниту Устав, ниту демократија. Излеговме во пресрет и на претходната влада и на градското собрание, затоа што го скративме нивниот мандат за три години, бидејќи изборите беа во 2022 година.

Таа кажа дека претставниците на опозицијата, особено на „Србија против насилството“ изнеле три барања, а за да продолжи дијалогот нормално и цивилизирано, ја сменила темата на колегиумот и оти почнале да разговараат за барањата на опозицијата.

Што се однесува до самиот колегиум, таа рече дека по долги години, власта и опозицијата нормално разговарале со пристоен тон и им се заблагодариле на претставниците на опозицијата кои, како што рече, по неколку покани конечно одговориле за состанокот.

Брнабиќ посочи дека се согласиле да се апсолутно посветени на имплементација на препораките на ОДИХР и додаде: „Да работиме заедно и да докажеме дека можеме да го направиме тоа. Жал ми е што не се појавија Еколошкото востание и 'Ние - глас од народот - д-р Бранимир Несторовиќ'. Се надевам дека ќе се појават во иднина, мојата врата е отворена“.

Претставниците на „Србија против насилството“ (СПН) соопштија дека на разговорите во собранието со претставниците на власта не е постигнат договор за исполнување на препораките на ОДИХР за изборни услови, и најавија продолжување на разговорите во среда, за кога е рокот за прифаќање на условите за фер избори. об/сд/

Остани поврзан