• четврток, 26 декември 2024

Брнабиќ: Опозицијата го злоупотребува српското Собрание, Владата не може да го смени составот на РЕМ

Брнабиќ: Опозицијата го злоупотребува српското Собрание, Владата не може да го смени составот на РЕМ

Белград, 3 јули 2023 (МИА) – Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека пратениците од опозицијата „политички го злоупотребиле собранието“, наведувајќи дека „десет пати зборуваат за исти работи“ иако таа „дала веднаш објаснување за се“, како и дека власта не може да го замени Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), што е едно од барањата на протестите во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Граѓаните треба да знаат дека ова е губење време за целата држава. Во моментов во Собранието чекаат на изгласување исклучително важни закони. Тие (од опозицијата) ја користат седницата за своја политичка промоција и зборуваат за се надвор од дневниот ред, изјави Брнабиќ за ТВ Хепи, истакнувајќи дека присуствува на собраниските седници бидејќи ја почитува најавената тема за безбедноста во Србија.

Таа рече дека „извршната власт нема врска со доделување на фреквенции, ниту ги доделува, ниту може да затвори печатени медиуми или некоја телевизија“, а, како што додаде, опозицијата изведува „една од нивните игри на седниците“.

Како што оцени Брнабиќ, опозицијата, врши „насилство врз граѓаните со блокирање патишта“, наведувајќи дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „пред четириесет дена ги повикал на разговор“.

-Тој им упати јавна покана да дојдат да разговараат за да се реши ова. Дали сакаат избори или не, или што ќе биде со РЕМ, ајде да разговараме во убав политички формат, но тие рекоа дека не сакаат да разговараат. Па како мислат дека проблемите се решаваат во демократијата, праша Брнабиќ.

Таа кажа дека опозицијата ја обвинува власта за она што не е во нејзина надлежност, а како пример го наведе пратеникот од Зелено-левиот клуб, Радомир Лазовиќ, кој говорејќи за одговорноста на власта за зголемувањето на насилството во општеството, покажа фотографија од водителот на ТВ Хепи Миломир Мариќ во утринската програма на таа телевизија како држи пиштол.

-Каква врска има тоа со извршната власт, каква врска има со мене, праша Брнабиќ гостувајќи на ТВ Хепи.

Барањата на протестите Србија против насилството се-смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се ТВ Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги подржува и учествува на нив. об/сд/

Остани поврзан