• четврток, 26 декември 2024

Брнабиќ: Дискриминирана сум и од ЛГБТ-заедницата и од оние кои ја дискриминираат таа заедница

Брнабиќ: Дискриминирана сум и од ЛГБТ-заедницата и од оние кои ја дискриминираат таа заедница
Белград, 13 септември 2022 (МИА) – Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска на конференцијата за човекови права во рамките на манифестацијата „Европрајд 2022“ рече дека „таа е веројатно единствената личност која била дискриминирана од двете заедници“, откако ЛГБТ-активистите ја дочекаа со свирежи на конференцијата во белградскиот Дом на младите, јави дописникот на МИА од Белград. - Мислам дека е добро да се разговара и не мислам дека ова е дијалог и веројатно сум единствената личност која е дискриминирана од двете заедници и првиот политичар во оваа земја и регионот кој не се исплаши и не се срамев што сум ЛГБТ. Ова е мојата борба, рече таа. Активистите во конференциската сала извикуваа „Сакаме Прајд“, „Прајд е протест“, „Ги сакаме нашите човекови права“, упатувајќи и свирежи. Брнабиќ на конференцијата рече дека таа самата ги нема сите права, дека не е во брак, дека не може да посвои дете, по што активистите собрани во салата на Дом на младината ја поканија да прошета со нив во сабота на 17 септември и извикуваа „Ајде на прошетка во сабота“, на што премиерката на англиски одговори: „Никој не може да ве спречи“. - Можеби не ви се допаѓа, но јас се борам за вашите права и давам се што можам, рече таа, оценувајќи дека ја подигнала видливоста на ЛГБТ-заедницата и ги поместила границите „барем за еден метар“ само со тоа што е геј премиер на Балканот. Таа додаде дека без нејзината поддршка и потпишување на писмото со препорака, Европрајд оваа година немаше да се одржува во Белград и да биде прва ваква манифестација во Југоисточна Европа. Организаторите на Европрајд соопштија дека со одлуката на МВР што ја добиле денес е забранета трасата на прошетката планирана за сабота на 17 септември, но не и самата прошетка и дека ќе предложат нова рута. - Уште еднаш ќе демонстрираме конструктивен пристап кон решавање на проблемите и ќе предложиме нова рута по која ќе пешачиме во сабота на 17 септември. Како што најавивме пред неколку недели, прошетката ќе се одвива, а сега останува на МВР да даде позитивен одговор на нашиот предлог бидејќи во интерес на сите нас е целата манифестација да помине што е можно непречено и ничија безбедност да не е загрозена, се наведува во соопштението. об/паг/

Остани поврзан