• сабота, 28 декември 2024

Британските фармери со трактори протестираа пред Парламентот во Лондон

Британските фармери со трактори протестираа пред Парламентот во Лондон

Лондон, 26 март 2024 (МИА) - Британските фармери синоќа во конвој со трактори се движеа од јужна Англија до Парламентот во Лондон за да протестираат против правилата донесени по Брегзит и трговските договори за кои тврдат дека им ја загрозуваат егзистенцијата и безбедноста на храната.

Десетици трактори со членови на организациите „Да го зачувме британското земјоделство“ и „Бидете фер кон фармерите во Кент“ се движеа низ јужните предградија на Лондон на пат кон плоштадот на Парламентот, каде што десетици поддржувачи чекаа да ги поздрават.

Британското земјоделство беше тешко погодено од Брегзит, кој ја извади земјата од зоната на слободна трговија на територијата на Европската унија и сложената мрежа на земјоделски правила што владеат таму.

Многу британски фармери го поддржаа Брегзит, спротивставувајќи се на заедничката земјоделска политика на Унијата, која наиде на жестоки критики. Сепак, многу од нив сега се противат на трговските договори по Брегзит што земјата ги склучи со други земји, вклучувајќи ги Австралија и Нов Зеланд.

Според нив, договорите ја отвориле вратата за евтин увоз и им наштетиле на британските производители на храна.

Организаторите на протестот го критикуваат означувањето на производите кои не се одгледуваат во Британија со британско знаме.

Властите во Лондон ги одложија контролите на увезените производи кои требаше да започнат по последното прекинување на врските со Европската унија на крајот на 2020 година, што според земјоделците ја загрозува биосигурноста. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан