• среда, 25 декември 2024

Британските власти мобилизираат уште 1.000 полицајци за превенција на нови немири

Британските власти мобилизираат уште 1.000 полицајци за превенција на нови немири

Лондон, 9 август 2024 (МИА) - Британските власти денеска потврдија дека мобилизирале дополнителни 1.000 полицајци во случај на дополнителни расистички немири во викендот што претстои, а владата соопшти дека размислува за построги прописи за објавите на социјалните мрежи по неколкудневни немири предизвикани од дезинформациите токму на овие платформи.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека поголемиот број полицајци и брзата реакција на судството ги одвратиле бунтовниците, кои ги нарече „екстремно десничарски хулигани“, и потврди дека властите и натаму се во состојба на висока готовност за можни дополнителни проблеми, пренесуваат британските медиуми.

Расистичките напади и немири најчесто се насочени против муслиманите и бегалците, демонстрантите ги напаѓале хотелите во кои престојуваат барателите на азил и им ги кршеле вратите, а џамиите биле гаѓани со камења бидејќи на интернет се рашириле лажни информации дека напаѓачот, кој на 29 јули во Саутпорт, во северозападна Англија, усмрти три девојчиња е муслимански азилант.

Според британскиот премиер, оние кои учествувале во немирите би можеле брзо да бидат изведени пред лицето на правдата, иако веќе се изречени „значителен број казни“.

-Тоа е многу важен дел од пораката до секој што размислува да се вклучи во натамошен хаос, рече премиерот Стармер.

Досега се уапсени повеќе од 480 лица за учество во напади врз муслимански, имиграциски и други објекти, како и врз полицијата и случајни минувачи, а меѓу речиси 150-те обвинети е и едно 13-годишно момче.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан