• среда, 13 ноември 2024

Британската полиција се подготвува за немири по убиствата во Саутпорт

Британската полиција се подготвува за немири по убиствата во Саутпорт

Лондон, 3 август 2024 (МИА) - Полицијата низ Велика Британија се подготвува за немири денеска и утре, а џамиите ќе ја зголемат својата безбедност поради зголемувањето на тензиите по убиството на три деца во понеделникот во северозападна Англија, соопштија официјални лица.

Момче на 17-годишна возраст е обвинето за убиството на девојчињата при напад со нож за време на час по танци во крајбрежниот град Саутпорт. Делото го шокираше целиот регион.

Насилни инциденти избувнаа во Саутпорт, североисточниот град Хартлипул, главниот град Лондон и на други места како реакција на лажни информации кои брзо се проширија на социјалните мрежи. Според нив, осомничениот за убиствата со нож е радикален исламски имигрант. Полицијата објасни дека осомничениот Аксел Рудакубана е роден во Велика Британија.

Овој викенд во Обединетото Кралство се планирани повеќе од десетина демонстрации против мигрантите, вклучувајќи ги и протестите во близина на најмалку две џамии во Ливерпул.

Планирани се и контрапротести против расизмот. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан