• сабота, 23 ноември 2024

Британка која е алергична на своето смеење и плачење

Британка која е алергична на своето смеење и плачење

Лондон, 4 јули 2022 (МИА) - Велат, човек треба да биде благодарен за „обичните, ситни“ нешта кои често ги потценуваме... Една Британка е алергична на - силни емоции или чувства, како смеење, плачење или прекумерен стрес, што може да бидат фатални за неа.

Наташа Коутс (27) има синдром на активирање на мастоцитите (МЦАС). Овие мастоцити се всушност бели крвни зрнца со улога во алергиите, а тој процес се случува кога тие ослободуваат премногу супстанции во телото во погрешно време. Кај Наташа, сосем нормални појави во телото како што е смеењето, плачењето, возбудата, стресот или потењето, може да предизвикаат сериозна алергиска реакција што може да доведе и до смрт. Кога била помлада, Наташа, која е гимнастичарка и освојувач на 22 врвни одличја во Велика Британија, често била болна и имала чудни реакции на различни јадења. Иако претпоставувала дека е само „пречувствителна“, на 18 години го доживеала и првиот анафилактичен шок. - Бев на голем јавен настан, кога наеднаш почувствував треперење, вртоглавица и ми беше тешко да дишам. Ме однесоа в болница со полициска придружба и брзо изгубив свест. Лекарите ме уверија дека тоа е нешто што вообичаено се случува, па мислев дека е в ред, се присетува таа. Сепак, во следните две недели, таа имала уште осум реакции кои ја вратиле во болницата за итни случаи. Девојката долго време го барала „специфичниот тригер“ (предизвикувач), па постојано внимавала што јаде. - Никогаш не знаев што ќе предизвика реакција. Дури и лекарите беа збунети, нагласи таа. Конечно, по две години, на Наташа ѝ била поставена дијагноза, што сепак, не ги поедноставило работите. Објаснувајќи го МЦАС, Наташа наведе: - Кога убодот од коприва ви прави кови што чешаат, тоа е предизвикано од хистамин - хемикалија која доаѓа од мастоцитите. Во моето тело, овие мастоцити се преосетливи. Тие ослободуваат премногу хемикалии. Дури и обичното ноќно излегување може да заврши катастрофално. - Еднаш, премногу се смеев со друштвото, па почувствував дека ми отече јазикот и грлото. Еден пријател повика брза помош, додека друг ми помогна да не се задушам. Пред да стигнам до болница, се онесвестив. Каков крај за едно ноќно излегување, се сеќава таа. Таа до денес била згрижена повеќе од 500 пати в болница. - Кога чувствувам дека почнува, се вознемирувам и се обидувам да го потиснам некако тоа, но реакцијата тогаш е уште полоша - тоа е маѓепсан круг, вели таа. Неодамна почнала да живее сама, а во секојдневните обврски ѝ помага лична асистентка. Има и помошна технологија поврзана со повикот 911 за итна помош. Освен на „емоции“, Наташа е алергична и на спрејови за тело, средства за чистење, миризливи свеќи, но и бројни хранливи намирници. Сите нејзини пријатели се исто така „увежбани“ во случај на напади кај неа, но таа признава дека нејзиното семејство е исплашено затоа што „не знаат која ќе биде последната реакција“. Наташа, се чини, храбро се бори со стравот, а вели и дека успеала да се помири со својата состојба. Спасот го нашла и во гимнастиката што е прва нејзина љубов.  си/сд/

Остани поврзан