• сабота, 28 декември 2024

Брисел формално предложи вклучување на обврските од Охрид во пристапните преговори со Србија

Брисел формално предложи вклучување на обврските од Охрид во пристапните преговори со Србија

Белград, 3 февруари 2024 (МИА) - Европската комисија (ЕК) и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) поднесоа предлог исполнувањето на обврските преземени во Охрид да се вклучи во преговарачката рамка на Србија за членство во ЕУ.

Со овој предлог, обврските од Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и неговиот анекс за имплементација, кој беше договорен минатиот март во Охрид, формално стануваат составен дел од процесот на преговори за членство на Србија во Европската унија. 

Според портпаролот на Европската комисија, предлогот на Комисијата вчера бил проследен до Советот на Европската унија, потврди денеска Радио Слободна Европа (РСЕ).

Министрите во декември минатата година побараа од Комисијата да ги вклучи обврските од Договорот за пат за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.

-Советот бара од ЕК и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија, се наведува во заклучоците, кои прво беа усвоени од европските министри, а подоцна и од шефовите на држави и влади на ЕУ.

Поглавјето 35 во преговарачката рамка за членството на Србија во ЕУ, кое се нарекува „други прашања“, во случајот со Србија го вклучува и нормализацијата на односите со Косово.

ЕУ ги освести и Белград и Приштина дека брзината на нивниот напредок во процесот на европска интеграција ќе зависи од напредокот во спроведувањето на овој договор во рамките на дијалогот.

По поднесувањето на предлогот, на Советот на ЕУ е да ги усвои овие измени, со кои формално ќе се вклучат и обврските на Србија од дијалогот во преговарачкиот процес за членство со Брисел. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан