• среда, 25 декември 2024

Бриселскиот универзитет УЛБ го одби барањето за откажување на гостувањето на поранешен израелски амбасадор

Бриселскиот универзитет УЛБ го одби барањето за откажување на гостувањето на поранешен израелски амбасадор

Брисел, 10 мај 2024 (МИА) - Ректорката на Слободниот бриселски универзитет (УЛБ), Анеми Схаус го одби барањето на пропалестинските демонстранти, кои под окупација држат зграда во универзитетскиот кампус, за откажување на гостувањето на поранешниот израелски амбасадор во Франција, историчарот и есеист Ели Барнави, планирано за 3 јуни. 

- Значи, кажувам отворено. Нема да попуштам пред заплашувања, притисоци или закани. На моја покана, Ели Барнави ќе биде присутен на Универзитетот на 3 јуни, заедно со оние кои се обидуваат колку што можат да се спротивстават на обидите да не вовлечат во спиралата на омраза, објави Схаус на ЛинкедИн. 

Група пропалестински демонстранти во вторникот окупираа зграда во кампусот на УЛБ со цел како што нагласија „да го осудат тековниот геноцид во Газа“ и да побараат поголема транспарентност за тоа какви врски одржува Универзитетот со Израел. Тие, исто така, бараат „итно откажување“ на посета на Барнави. 

Схаус нагласи дека иако протестите не се најавени или одобрени, УЛБ сепак ја почитува слободата на демонстрирање и „грижата на овие млади луѓе“. Сепак, според неа, нема да се толерира прекумерно насилство. 

Во меѓу време, УЛБ најави дека ќе поднесе тужба за насилството против проплестинските демонстранти поради напад врз чувар и еден студент при окупирањето на зградата во кампусот во вторникот вечерта. сп/ 

Фото: Фејсбук 

Остани поврзан