• сабота, 23 ноември 2024

Бриселската полиција спречи одржување на десничарска конференција 

Бриселската полиција спречи одржување на десничарска конференција 

Брисел, 16 април 2024 (МИА) – Белгиската полиција денеска спречи одржување собир во организација на десничарската Фондација „Едмунд Бурк“ во Брисел, на кој меѓу останатите требаше да учествуваат и унгарскиот премиер Виктор Орбан и главниот промотор на Брегзит, Најџеј Фараж. 

- Властите одлучија да го спречат настанот поради можност за јавни нереди, изјави претставник на полициската управа на Брисел.  

Организаторите на собирот, насловен Конференција за национален конзервативизам, соопштија дека полицијата ги информирала оти „постои ризик демонстранти да предизвикаат граѓански нереди во текот на попладнето“. 

При интервенцијата на полицијата, Фараж рече дека сфаќа оти „полицијата многу, многу сака да го спречи“ настанот.  

- Ако сакаат да го спречат, може да го направат тоа со мене на бината, изјави Фараж поздравен со овации од присутните на собирот. 

Претставник на еден од коорганизаторите на собирот, тинк-тенкот Колеџ „Матијаш Корвин“ (МЦЦ), Френк Фуреди оцени дека ваквиот потег претставува диктатура.  

- Тие се обидуваат да искористат техничка причина за да пренесат политичка поента. Рекоа дека ако не прекинеме, ќе ја исклучат струјата, изјави Фуреди за „Политико“. 

Ова е трета локација на која требаше да се одржи Конференцијата, откако сопствениците на првите два избрани објекти им откажале на организаторите, поради, како што тврдат тие, притисок од локалните левичарски власти. 

Емир Кир, градоначалник на бриселската општина Сен-Жос-тен-Нод, на чија територија се наоѓа објектот во кој требаше да се одржи собирот, од претходно најави дека ќе „преземе мерки за да го спречи“ настанот. 

Друг претставник на МЦЦ, Ентони Гиланд најави дека ќе се обидат преку суд да ја оспорат одлуката на Кир со цел собирот сепак да се одржи. 

Според планот, Конференција за национален конзервативизам требаше да се одржува денеска и утре. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан