• недела, 24 ноември 2024

Бретон: Рекордно ниво на инфлација во светот првпат од почетокот на векот

Бретон: Рекордно ниво на инфлација во светот првпат од почетокот на векот
Париз, 26 мај 2022 (МИА) - Порастот на инфлацијата е глобален и достигна рекордно ниво од почетокот на 21. век, предупреди еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон во интервју за францускиот информативен канал ЛЦИ (LCI). - Првпат од почетокот на векот гледаме такво ниво на инфлација. Тоа е глобален феномен, посилен во САД, отколку во Европа, истакна Бретон. Како што тој додаде, последен пат слична инфлација имало пред 40 години, во 80-те години на минатиот век. Еврокомесарот забележа оти инфлацијата почнала да се зголемува уште пред конфликтот во Украина. - Пандемијата на коронавирусот, забрзувањето на економското закрепнување, цените на енергијата, суровините и ретките метали - како резултат на овие фактори, инфлацискиот тренд беше силен уште пред почетокот на украинскиот конфликт. Инфлацијата е особено распространета во САД и многу тешко е да се контролира, смета Бретон. Еден од начините за ограничување, според него, е да се зголемат банкарските камати, што веќе се случува во САД. Просечната годишна стапка на инфлација во светот веќе е 7,4 отсто, според францускиот портал Статиста (Statista). Но, во некои земји процентот на инфлација може да биде значително повисок, поради локални фактори. Вкупната стапка на инфлација во речиси 80 земји може да се движи од пет до 10 отсто во текот на годината, пишува Статиста. бд/гт/

Остани поврзан