• сабота, 23 ноември 2024

Бретон: ЕУ треба да инвестира 500 милијарди евра до 2050 година во нови нуклеарни централи

Бретон: ЕУ треба да инвестира 500 милијарди евра до 2050 година во нови нуклеарни централи
Брисел, 9 јануари 2022 (МИА) - Европската унија до 2050 година треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарни централи од новата генерација, изјави комесарот за внатрешен пазар на Унијата, Тиери Бретон, во интервју објавено викендов. „Само на постојните нуклеарни централи ќе им требаат 50 милијарди евра инвестиции од сега до 2030 година. А на новите генерации ќе им требаат 500 милијарди“, изјави Бретон за Журнал ду Диманш. Бретон, исто така, вели дека планот на ЕУ да ги означи енергијата од нуклеарните електрани и природниот гас како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал. ЕУ се консултира со своите земји-членки за овој предлог околу тоа дали овие извори на енергија навистина можат да се квалификуваат како одржливи опции. Како што пренесуваат странските агенции, Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, нејзиниот главен извор на енергија, и покрај силното противење од Австрија и скептицизмот од Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни централи. Во предлогот се наведува дека Европската комисија „смета дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, која во голема мера се заснова на обновливи извори на енергија“. Во моментов, Унијата добива 26 отсто од својата енергија од нуклеарните централи, но Бретон проценува дека до 2050 година таа ќе се намали на околу 15 отсто. Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад. Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со дозволи издадени до 2045 година, додека работата за проширување на постоечките електрани треба да биде одобрена до 2040 година. паг/  

Остани поврзан