• четврток, 26 декември 2024

Бред Пит снима филм за Ф1 на „Силверстоун“

Бред Пит снима филм за Ф1 на „Силверстоун“

Лондон, 10 јули 2023 (МИА) - Бред Пит е забележан во костим на британската патека „Силверстоун“ вчера пред „Гранд-при“ трката во Формула 1, каде се снимале сцени од неговиот претстоен филм за овој спорт.

Холивудската ѕвезда и неговиот колега Демсон Идрис беа во бело-црни тркачки костими од измислениот тим „Еј-пи-екс-џи-пи“ (APXGP), меѓу вистинските Ф1-возачи кај патеката во Нортемптоншир. А пак, седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон дејствува како еден од продуцентите на засега ненасловениот филм на „Епл“, кој се продуцира во соработка со Ф1, со посебен пристап до тркачките патеки и возачите.

- Морам да кажам, во моментов сум малку замаен. Одлично е да се биде овде. Колку само се смееме - навистина уживам во времето минато тука, изјави Пит (59).

Откривајќи повеќе подробности за филмот, тој појасни дека неговиот лик е Ф1-возач од 90-тите, но се префрлил во други дисциплини откако доживеал ужасна несреќа. Неговиот пријател и сопственик на тимот, кого го глуми Хавиер Бардем, се обидува да го врати тркачот во врвот на тој спорт за да го издигне својот тим на табелата.

- Филмот треба да биде автентичен колку што може, па имаме и стручњаци од Ф1 кои работат на „претставата“ како на вистинска работа. И Луис (Хамилтон, б.п.) е наш продуцент, па навистина имаме намера да го испочитуваме спортов - да го покажеме онаков каков што е навистина, додаде Пит.

Во четвртокот, и Хамилтон зборуваше за снимањето, па рече дека целта е љубителите на филмот да ја засакаат Формула 1, како и суштината на овој спорт.  си/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан