• сабота, 28 декември 2024

Брегу: Трите договори потпишани во Берлин допираат до оние за кои се наменети - тоа се граѓаните

Брегу: Трите договори потпишани во Берлин допираат до оние за кои се наменети - тоа се граѓаните
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Шефовите на влади на шесте економии на Западен Балкан потпишаа три договори за мобилност во рамки на Акцискиот план за заеднички регионален пазар, и тие ќе допрат до оние до кои се наменети, а тоа се нашите граѓани, рече генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу на Самитот на Берлинскиот процес, што се одржува на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин. -Иако беа отпишани како речиси невозможни, по тешки и комплицирани две години, три главни договори за мобилност што ги координираше Советот за регионална соработка, конечно го здогледаа светлото на денот. Денес тие допираат до оние до кои се наменети, а тоа се нашите граѓани. Слично на широко распространетото влијание на регионалниот договор за намалување на цените на роамингот и на зелените коридори, нивното влијание на терен ќе биде директно и конкретно. Тоа придонесува за рамномерна изградба на мостови што се и натаму потребни во нашиот регион, како и мостови со ЕУ, рече Брегу. Германскиот канцелар Олаф Шолц се заблагодари на Советот за регионална соработка на одлично завршената работа во изминатите две години на олеснување на склучувањето три договори за мобилност и повика на забрзување на регионалната соработка и процесот на европска интеграција. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен рече дека ова е исчекор кон интеграција во заедничкиот регионален пазар, бидејќи на луѓето им се дава можност да ги прошират искуствата и да го даваат она најдоброто на регионот. Учесниците на Берлинскиот процес ја потврдија клучната улога на овој процес како придвижувач на регионалната соработка со која се забрзува процесот на интеграција со ЕУ и ги поздравија напорите што Западен Балкан ги вложи во спроведување на заедничкиот регионален пазар. Учесниците на Самитот ја нагласија желбата за продолжување на Берлинскиот процес со цел да се искористи целосниот потенцијал за подобрување и инклузивна регионална соработка и се согласија следниот самит во рамки на Берлинскиот процес да се одржи во 2023 година во Албанија. нд/аа/

Остани поврзан