• недела, 24 ноември 2024

Брегу: Немаме луксуз да загубиме ниту еден ден во интеграцијата на Западен Балкан

Брегу: Немаме луксуз да загубиме ниту еден ден во интеграцијата на Западен Балкан
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) - Никој од нас во регионот на Западен Балкан нема луксуз да загуби ниту еден ден дополнително, имајќи предвид дека европската интеграција на регионот веќе со години стагнира, порача генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу на Преспанскиот форум за дијалог денеска во Охрид. -Процесот на економска интеграција на Западен Балкан и неговата интеграција во ЕУ не е едноставна задача, но се надевам дека нема да ни требаат 35 години тоа да го оствариме, колку што и требаа на ЕУ да го воспостави единствениот пазар, рече Брегу. Нагласи дека Западен Балкан е мал регион со 18 милиони луѓе, а можеби и помалку, од кои 76 отсто сметаат дека регионалната соработка е од голема корист. -За повеќе од 43 отсто невработеноста е најголем проблем, а следува економската криза. Во време на војна и во време на пандемија треба да се зближиме. Што и да решат носителите на одлуки од нашиот регион, РСС е тука да помогне и координира, но на крајот на краиштата одлуката е на нив, потенцира Брегу. Потсети дека клучна за минатогодишното укинување на роамингот, токму на почетокот на првиот Преспа форум за дијалог, беше политичка волја на носителите на одлуки на земјите од Западен Балкан. Брегу зборуваше на панелот „65 години после Римскиот договор: дали Европа е во целост реконструирана и интегрирана“, заедно со премиерот Димитар Ковачевски, премиерката на Србија Ана Брнабиќ и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.вј/хс/

Остани поврзан