• четврток, 26 декември 2024

Бранителите на сопственикот на „Дурмо Турс“ велат дека не се докажало ниту едно дејствие за кое се товари првообвинетиот во „Ласкарци“

Бранителите на сопственикот на „Дурмо Турс“ велат дека не се докажало ниту едно дејствие за кое се товари првообвинетиот во „Ласкарци“

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Бранителите на првообвинетиот во случајот „Ласкарци“, во завршните зборови во Основен кривичен суд Скопје денеска наведоа дека во постапката не се докажало ниту едно дејствие за кое е обвинет сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ , Дурмиш Белули, во чиј автобус во незгодата што се случи во февруари 2019 година загина 16 лица, а над 30 беа повредени.

Адвокатот Дељо Кадиев, во завршниот збор денеска наведе дека гледано од самиот почеток на овој предмет, сѐ до неговиот крај, станува збор за обвинение кое тешко може да го понесе товарот на докажување.  

- Обвинение кое оди во крајност и сакаше вината да ја најде и кај возачот и кај други лица кои требало да обезбедат исправност на автобусот. Обвинение, кое уште на самиот почеток беше невозможно целосно да се докаже, бидејќи е логично ако возачот е крив или несреќата настанала како резултат на негово невнимание, никој друг не треба да биде крив. Или, пак, ако несреќата е резултат на неисправност на автобусот, тогаш барем возачот не требало да биде обвинет, изјави Кадиев.  

Одбраната на Дурмиш Белули, нагласи тој, смета дека во поглед на првообвинетиот не се докажа ниту едно единствено дејствие по кое е обвинет.  

- Сметаме дека не се докажа дека постои причинско последична врска помеѓу она за што е обвинет Дурмиш Белули со она што е настанатата последица, изјави Кадиев.  

Според него, изнесените докази не покажале никаква причинско последична врска на тоа што возачите сами ги пополнувале налозите и тоа што управувањето со возниот парк и организација на возачите било препуштено на второобвинетиот Ремзи Мифтари со настанатата сообраќајна незгода.  

- Тие може да бидат третирани само како прекршоци за кои овој суд во оваа постапка не може да суди, рече Кадиев.  

Одбраната на Дурмиш Белули, смета дека прв логичен заклучок што може да се изведе од доказите и супервештачењето, е дека возачот на автобусот изгубил внимание во одреден момент, по што не ја прател закривеноста на патот со што автобусот ги пробил заштитните огради и паднал во бездна. 

- Заради тоа отсуство на внимание, не преземал ниту дејствија на вртење со воланот, ниту на кочење. Ќе видиме дека овој наш заклучок што го изведуваме од вербалните докази подоцна во целост се потврдува со супервештачењето, изјави Кадиев.   

Според адвокатот Лавдрим Сефери, исто така бранител на првообвинетиот, Јавното обвинителство не докажало што точно се случило на денот на несреќата. 

- Не знаеме што се случи поради едноставна причина, тој што беше задолжен сите овие патници да ги однесе кај своите семејства во Гостивар, процени дека неговата слобода е поважна од останатите загинати и повредни патници и одлучи да се брани со молчење, рече тој.

Според Сефери, нема докази дека неисправностите на автобусот биле директна причина за незгодата, туку тоа што, како што рече „немало никаква реакција на возачот“.

- Пред нас имаме обвинение кое се базира на претпоставка дека незгодата се случила поради техничката состојба на возилото. Единственото соодветно вештачење кое на правниците им служи како паоткоз е сообраќајното вештачење кое дава одговор за причинско-последичната врска на незгодата, наведе тој во завршните зборови.

Обвинетиот Дурмиш Белули во завршниот збор изрази сочувство на семејствата на загинатите и истакна дека жали за тоа што се случи.

- Мојот живот веќе нема смисла, јас сум душевно скршен и потресен затоа што болката е многу голема. Од судбината бегање нема, се случи несреќа, трагедија, рече тој.

Белули посочи дека е заинтересиран која била причината за несреќата и го повика шестообвинетиот, возач на автобусот, кој се брани со молчење, да излезе, и, како што рече „да ја каже вистината“.

Во својот завршен збор тој се осврна на изјавите кои наводно ги давал шестообвинетиот - возачот Маноил Трифуновски и истакна дека смета дека товарот за несреќата во овој случај го носи само шестообвинетиот. Тој побара да биде ослободен.

Претходно, Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, денеска побара најстрога казна за обвинетите во случајот „Ласкарци“. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Во завршните зборови обвинителот истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 лица кои загинаа.

Најстрога казна денеска побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години. ар/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан