• четврток, 10 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Браната Калиманци е со преполовен капацитет, неизвесни се вкупните површини што ќе се засеат со ориз во Кочанско

Браната Калиманци е со преполовен капацитет, неизвесни се вкупните површини што ќе се засеат со ориз во Кочанско

Кочани, 4 април 2025 (МИА) – Во неизвесност и очекување на поголем доток на вода во акумулацијата Калиманци се и оризопроизводителите и вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани пред почетокот на сеидбата на оризот.

Лошата хидролошка состојба во текот на зимскиот период негативно се одрази на полнењето на браната, а и покрај врнежите од дожд во текот на пролетта, количините со кои таа располага не се доволни за целосна реализација на планот за сеидба во споредба со минатата година.

-Во моментот во Калиманци има 58 милиони кубни метри вода, што значи дека во однос на нејзиниот максимален капацитет недостасуваат уште околу 47 милиони. Дотокот од реките кои се влеваат во браната изнесува 12 метри кубни во секунда. За да може да се реализира планот за сеидба на оризот на минатогодишното ниво од околу 4.500 хектари, потребни се најмалку 90 милиони кубни метри. За почеток ќе се користат проточните води од реките, а до пуштањето на водата од акумулацијата има уште околу триесетина дена, што значи постои извесен оптимизам за исполнување на планот со минимални корекции. Целта е сеидбата да се реализира постепено и скалесто, но и да се обезебди вода за целиот период на вегетација на оризот, истакна Горанчо Зашов, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

Од водстопанското претпријатие потсетуваат дека од вкупно акумулираната вода во Калиманци, 52 отсто е за оризовите полиња во Кочанско, а остатокот за полињата во штипскиот и светиниколскиот регион. 

-Ако калкулираме со сегашните околу 60 милиони кубни метри вода, според определените нормативи за наводнување, со ориз ќе можат да се засеат само 1.800 хектари и тоа е чиста математика. Не е целта само нивите да ги засееме, туку и да се обезбеди наводнување во текот на целиот период на вегетацијата. Поради врнежите од дожд во последните две недели бавно оди и подготовката на земјоделските површини за претстојната сеидба, а според проценките тоа ќе значи доцнење од околу две недели, додава Зашов.

За почетокот на идната недела е закажана средба со министерот за земјоделство на која ќе се разгледува состојбата со акумулираните количини вода и ќе се утврди конечниот план за сеидба. Неизвесно е дали и колкави површини во Кочанско нема да се сеат со ориз. та/сст/

 

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан