• четврток, 26 декември 2024

Бразил распоредува војска на границата со Венецуела

Бразил распоредува војска на границата со Венецуела

Бразилија, 7 декември 2023 (МИА) – Бразил соопшти дека распоредува војници долж границата со Венецуела, откако венецуелската Влада ги објави плановите за инкорпорирање на областите контролирани од Гвајана во својата територија. 

Регионот Есекибо богат со нафта е спорен уште од 19 век, кога Гвајана беше британска колонија.

Венецуела го обнови своето право на оваа територија откако пред неколку години во неа беа откриени резерви на нафта и гас во морето. 

Тензиите особено се зголемија по неделниот референдум во Венецуела, во кој над 95 отсто од гласачите го поддржаа тврдењето на владата за Есекибо, јавува Би-Би-Си.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро веднаш побара државната нафтена компанија да издаде дозволи за ископување во оваа територија и предложи Националното собрание да донесе закон со кој областа ќе биде дел од Венецуела. Со ваквите потези тој предизвика загриженост во целиот регион.

Додека Гвајана има свои војници на готовност, бразилската војска соопшти дека преместува повеќе војници во пограничниот град Боа Виста, главен град на сојузната држава Рораима, како и дека носи дополнителни воени возила. Меѓутоа, секој воен упад од страна на Венецуела ќе биде логистички предизвик бидејќи венецуелските војници ќе мора да поминат низ бразилска територија поради тешкиот терен на други места.

Бразилската армија нагласила дека го зајакнува своето присуство во регионот како дел од напорите „да се гарантира неповредливоста на територијата“. 

Хеликоптер на војската на Гвајана, со седум лица, е пријавен за исчезнат во близина на границата со Венецуела. Меѓутоа, началникот на Генералштабот на армијата на Гвајана, Омар Кан, изјави дека „нема информации што укажуваат на тоа дека Венецуела е вмешана во инцидентот“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан