• понеделник, 23 декември 2024

Бразилецот Матеус Еванжелиста и французинката Каролин Жуис победници на 37. Охридски пливачки маратон

Бразилецот Матеус Еванжелиста и французинката Каролин Жуис победници на 37. Охридски пливачки маратон

Охрид, 31 август 2024 (МИА) – Матеус Еванжелиста од Бразил и Каролин Жуис од Франција се победници на 37. Охридски пливачки маратон што денеска се одржа во Охрид.

На бразилецот Еванжелиста за да ја преплива 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид му беа потребни 5:45:05 часа, додека кај жените победничката Жуис патеката ја мина за 5:46:51 часа.

Инаку, денешниот победник, кој во 2015 година ја заврши трката во Охрид како вторпласиран и третопласиран година подоцна, рече дека воопшто не било лесно да се плива денеска на Охридското Езеро и дека временските услови во поголемиот дел од трката биле неповолни со силен ветар во спротивна насока и бранови.

- Навистина беше тешко, но ете, напорот се исплати. Сега се чувствувам добро, одлично, сега веќе победнички, рече тој во изјава за МИА.

Втор во машка конкуренција патеката ја мина Марсел Шутен од Холандија, додека третопласиран и најдобар кај нашите пливачи денеска беше Евгениј Поп Ацев.

Втора кај жените беше Мајте Пука од Аргентина, додека третопласирана на целта беше Инес Делакроа од Франција, на која ова и е прв настап на маратонот на Охридското Езеро.

Наградниот фонд на маратонот изнесува 12 илјади евра, од кои две илјади за најдобрите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови.

Маратонот и оваа година е завршен настан на Фестивалот на вода, а се одржува во организација на Општина Охрид, со поддршка на Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид. аб/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан