• четврток, 26 декември 2024

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 проценти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 проценти

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска во Прифатниот центар Винојуг во Гевгелија присуствуваше на Координативниот состанок во организација на раководството на Регионалниот центар „Југ“ со претставници од сите релевантни државни институции, меѓународни организации и невладини организации присутни чинители во Привремениот транзитен центар како дел од националната компонента во справувањето со мешаните миграциски движења, соопшти МВР.

-Целта на состанокот беше последниот позитивен извештај на Народниот Правобранител како резултат на меѓусебното координирано и хармонизирано постапување на овие институции со  илегалните мигранти во кампот Винојуг Гевгелија. Овој позитивен извештај е плод на сите заедничките вложувања и на несебичната поддршка на сите чинители во овој процес, соработка која и понатаму не само што ќе се одржува туку и ќе се продлабочува. Во последниот позитивен извештај отстранети се сите забелешки кои беа детектирани во изминатиот период, а заслугата е заедничка, се наведува во соопштението. 

Во обраќањето дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев изјавил дека она што ја одбележало измината година во поглед на унапредување на граничното управување била ратификацијата и операционализацијата на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, потпишан со еврокомесарката Јохансон.

-Договорот за Фронтекс овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Европската Унија на овој договор гледа и како на конкретен чекор во зачувување на безбедноста на Унијата, бидејќи заштитата на македонските граници од мигрантските текови, нелегалната миграција и од прекуграничниот криминал значи заштита на границите на ЕУ. Со неговото влегување во сила се овозможи, на наше барање, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со нашите полициските службеници, што придонесува кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс”, истакнал Бојмацалиев.

Притоа, тој, како што се наведува во соопштението, сподели статистика во однос на откриени илегални мигранти и баратели на азил реализирани од страна на полициските службеници на ниво на МВР вклучувајќи ги овде сите Регионални центри во земјава компаративно со постигнатите резултати на ниво на Регионалниот центар Југ.

-Според официјалната статистика на МВР, ако во 2023 година беа спречени 13.954 обиди за влез на илегални мигранти на ниво на сите Регионални центри, само на ниво на Регионалниот центар Југ таа бројка изнесуваше 12.265 спречени обиди за влез на илегални мигрант. За период од два месеци во 2024 година на ниво на МВР таа бројка изнесува 1596 спречени обиди за влез, само на РЦ Југ беа спречени 1057 обиди за влез на илегални мигранти. Компаративно на ова во 2022 година на ниво на МВР беа спречени 27.394 илегални обиди за влез , а само на ниво на РЦ Југ таа бројка изнесуваше 23.451. Овие бројки покажуваат намалување на илегалната миграција за 50% за што најголема заслуга имаат полициските службеници и раководството на РЦ Југ и во оваа прилика им упатувам честитки за постигнатите резултати бидејќи, ова не се само обични бројки, напротив ова се преземени заеднички активности во кои е вложен многу труд, посветеност, а пред се професионалност и многу хуманост за што изразувам особена почит и благодарност и до сите институции, меѓународни организации и чинители вклучени во овој процес, потенцирал тој.

Бојмацалиев информирал и за баратели на азил во 2024 и притоа нагласил дека во делот на баратели на азил во 2023 година на ниво на МВР таа бројка изнесувала 604 лица, а во Прифатниот центар Винојуг имало 202 лица. - Во истиот период првите два месеци од 2024 година на ниво на МВР изнесува 36 лица а во Прифатниот центар Винојуг имаме 24 лица, изјавил Бојмацалиев.

Тој, како што наведува МВР, упатил благодарност до Европската Унија за континуираната помош која што ја добива Министерството за внатрешни работи преку регионалните ИПА проекти, со уверување дека и во периодот што следи со исклучителна посветеност ќе се работи кон операционализирање на Мастер планот изработен од Фронтекс, како еден од нашите стратешки приоритети кон доближување кон европските и меѓународните стандарди во оваа област. сст/ац/

фото и видео МВР

 

Остани поврзан