• вторник, 24 декември 2024

Бојмацалиев: И покрај ветувањата на Тошковски, издавањето патни исправи доцни по два ипол месеца

Бојмацалиев: И покрај ветувањата на Тошковски, издавањето патни исправи доцни по два ипол месеца

Кочани, 22 април 2024 (МИА) - Издавањето на патните исправи за граѓаните доцни по неколку месеци и покрај ветувањата од министерот Тошковски, истакна дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев одговарајќи на неговите изјави дека нема потреба да оди на Меџитлија за да види дали пристигнале обрасците.

-Тоа зборува за неговата политичка култура, живееме во слободно, демократско општество, дозволено е секогаш што сака да каже. Јас само би се надоврзал дека кога зборувам, зборувам со факти, а факт е дека во мандатот на министерот Спасовски за личните документи граѓаните се сликаа и ги добиваа за 15 дена. Факт е дека во мандатот на министерот Панче Тошковски граѓаните ќе ги добијат своите документи за 2,5 месеци и факт е и дека самиот го призна тоа. Последната анкета на Евротинк говори дека во мандатот на Спасовски граѓаните конкретно од управните служби биле задоволни над 50 отсто, а сега е околу 20 отсто, истакна Бојмацалиев.

Во врска со доцнењето на реконструкцијата на полицискиот објект во Охрид, тој додаде дека ќе биде завршен.

-Кога дојдовме во МВР наследивме руинирани и катастрофални објекти, полиција без униформа, полиција без покачени плати, полиција без исплатени бонус плати. За само седум години реконструиравме 80 објекти, два објекта се во тек на реконструкција, два се изградени и еден се гради. Околу 17 милиони евра вложивме во тоа, во материјално-технички добра, во униформи околу 13 милиони евра, така што лесно е денеска од таа позиција да се зборува. Нека не се секира, и објектот во Охрид ќе биде завршен, додаде Бојмацалиев. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан