• среда, 25 декември 2024

Бојмацалиев: Граѓаните да пријават ако имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес 

Бојмацалиев: Граѓаните да пријават ако имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес 

Кавадарци, 2 мај 2024 (МИА) - Одделенијата за внатрешни работи Неготино и Кавадарци се подготвени за изборите на осми мај, а граѓаните доколку имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес, да пријават, истакна денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, беше во работна посета на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес.

Тие остварија средби со раководствата на одделенијата за внатрешни работи во Неготино и во Кавадарци, во рамки на серијата посети во сите сектори ширум земјава.

Од страна на раководството на овие организациски единици, потенцира Бојмацалиев, бил брифиран за постигнатите резултати во изминатите три месеци од оваа година, а ја оцениле и за поволна и безбедносната состојба.  

Притоа, тој истакнал дека се подготвени за претседателските и парламентарните избори 2024, во насока на професионално извршување на своите надлежности.

- Им честитам на колегите од СВР Велес  за одличната организација и координираност во врска со првиот круг од претседателските избори 2024 година, со уверување дека и во вториот круг од претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат на осми мај, ќе продолжат со професионално извршување на полициските работни ангажмани, со цел гарантирање на демократски изборен процес. Уште еднаш македонската полиција да покаже и докаже на дело дека е тука за граѓаните слободно да го искажат својот глас, без притисоци и уцени од кого било подвлече Бојмацалиев.  

Во одредени  сектори, додаде, според сознанијата на оперативниот штаб на МВР, ќе биде направена реорганизација со зголемено присуство на полицијата, на тие места на денот на изборите. 

Бојмацалиев соопшти дека финансиите за бонус плата се обезбедени и ќе бидат исплатени по завршување на техничката Влада, во износ од 36.000 денари. 

- Секоја година со покачување на минималната плата, се покачуваше и платата во полицијата, годинава не е покачена заради распишаните избори, но во кординациија со Македонскиот полициски синдикат, потпишани се сите документи, кога има законска можност платата на вработените во полиција ќе се покачи за 10 отсто. Со тоа покачување и покачувањата од периодот 2017 до 2023 година од 35 отсто, вкупно покачувањето ќе биде 45 проценти, истакна тој. свд/цр/


Фото: МИА и МВР 

Остани поврзан