• недела, 24 ноември 2024

Бошкоски: Излегов како победник верувајќи во правдата и во вистината

Бошкоски: Излегов како победник верувајќи во правдата и во вистината

Скопје, 22 февруари 2023 (МИА) – Се надевам дека од денес, па натака во мојот живот, сум можеби единствениот човек кој на овие балкански простори помина 11 години што во домашните, што во меѓународните затвори, и од секаде излегов како победник, верувајќи во правдата и во вистината, изјави Љубе Бошкоски по ослободителната пресуда за случајот „Кампања“.

Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка врз основа на пресуда на Европскиот суд за човекови права, денеска донесе ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски, во врска со случајот „Кампања“ во која тој беше обвинет за „злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања“.

Во врска со барање на отштета, Бошкоски рече дека тоа не му е примарно.

- Тоа е сега непримарно. Времето не може никој да го врати, тоа е минато време. Но, ги охрабрувам македонските судови, македонските судии при, одлучувањето да ги земаат во предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците, рече тој.

Според него, денеска бевме сведоци дека во сиот овој период, како што рече „бев изложен на полициско-политички монтирани процеси кои, еве, на крајот завршија со победа“.

Бошкоски најави дека поради приватни причини, како што рече, еден период ќе се повлече од политиката.

-  Сега еден период ќе се повлечам од приватни причини од политиката. Инаку, политиката е тука, јас сум во политиката, сѐ уште сум претседател на Обединети за Македонија, политичка партија која во овој период беше изложена на медиумски линч. Се надевам дека можам уште да допринесам за Македонија, посебно кога знам дека зад мене немам никаков терет, никаков товар кој може да ме оптеретува мене и мојата политичка партија, рече тој.

Лидерот на Обединети за Македонија и советник во Владата беше уапсен на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор, а во 2016 година излезе од затворот во Идризово каде ја отслужуваше казната.

Европскиот суд за човекови права во 2020 година пресуди дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикување и испитување на сведоци.

Во 2021 година, по барање на одбраната, судењето против Љубе Бошкоски за предметот „Кампања“ беше вратено на повторно судење и заврши со денешната ослободителна пресуда. ар/аа/

Остани поврзан