• четврток, 26 декември 2024

Бочварски: Ќе продолжиме со работа на сите клучни инфраструктурни проекти и отворање на меѓународни железнички линии

Бочварски: Ќе продолжиме со работа на сите клучни инфраструктурни проекти и отворање на меѓународни железнички линии

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Работиме на дополнителна изградба на Коридорот 8 кон Бугарија, т.е. железничката пруга, со што ќе ја отвориме железницата кон Исток, а од друга страна работиме на сите инцијативи кои се позитивни за граѓаните и државата, но тоа се процеси кои се долгогодишни и за кои се бара долго време проектирање, реализација и изведба на таквите проекти, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски одговарајќи на прашање на МИА за меѓународните железнички линии на денешната прес-конференција во Владата.

Како пример тој го наведе Коридорот 8 кон Бугарија, пруга која ќе ја чини државата преку 600 милиони евра.

- Имаме сериозна поддршка и од европските фондови и од ЕУ и тоа е нешто што државата го прави како стратешки интерес за поврзување со целиот регион, потенцира Бочварски.

Според Бочварски, од почетокот на Ковид-пандемијата железничкиот сообраќај доживеа силен удар, иако и претходно функционираше со потешкотии.

- Тоа предизвика да имаме намалување на бројот на превезени патници и намалување на обемот на сообраќај, имајќи предвид дека ние во моментот на Коридорот 10 реконструираме една делница од Ногаевци до Неготино, што го отежнува сообраќајот по Коридорот 10. Од друга страна имаше застој на сообраќајот во Грција, претходно имаше намалување на сообраќајот во Србија, сето тоа предизвика намалување на конкурентноста на железничкиот сообраќај, рече Бочварски.

Министерот очекува во наредните години да продолжат со работа на сите овие клучни инфраструктури проекти, со што кога ќе ги имаме овие отворени линии и ќе имаме и зголемен сообраќај - меѓународен, патнички и товарен на сите дестинации. свс/мс/

Остани поврзан