• среда, 25 декември 2024

Бочварски: Ќе има средба со „Синохидро“ ако побараат, одлуката за автопатот Кичево-Охрид“ ќе биде според стручна анализа

Бочварски: Ќе има средба со „Синохидро“ ако побараат, одлуката за автопатот Кичево-Охрид“ ќе биде според стручна анализа

Неготино, 8 ноември 2023 (МИА) -  Доколку претставници на кинеската компанија  „Синохидро“ побараат средба секако дека ќе ја реализираме. На техничко ниво се одржуваат и реализираат средби. Важно е дека компанијата има се уште рок за реализација и до 31 декември имаат и рок и фронт за работа, за да продолжат, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Одговарајќи на новинарско прашање Бочварски при посетата на Неготино, наведе дека „Синохидро“ во изминатиот период биле во координирана комуникација со Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта и со сите подизведувачи во насока на решавање и расчистување на сите прашања, коишто се отварале во текот на изградбата. 

Според Бочварски, без да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе се дојде до најдобарата политичка одлука за завршување на автопатот.

Поддршката на ФИДИК експертот за автопатот Кичево-Охрид, како што појасни, ќе биде во насока во кој правец треба да продолжи државата за завршување на овој проект. Експертите кои Јавното претпријатие за државни патишта дополнително ќе ги ангажира ќе бидат во насока на најдоброто можно решение за свлечиштата и косините, што се реален и голем проблем на голем дел од трасата на автопатот Кичево-Охрид.

-Ова значи дека по утврдување на сите овие правци, коишто ќе произлезат од стручни лица, без притоа да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе дојдеме до најдобарата политичка одлука, којашто ќе ја донесеме и за завршување на автопатот, но и за за тој автопат да биде безбеден, сигурен за патување на граѓаните, вели Бочварски.  свд/лв/

фото: Министерство за транспорт и врски

Остани поврзан