• четврток, 26 декември 2024

Бочварски: Опслужени над три милиони патници на двата аеродроми, владините мерки обезбедуваат рекордни бројки во авиосообраќајот

Бочварски: Опслужени над три милиони патници на двата аеродроми, владините мерки обезбедуваат рекордни бројки во авиосообраќајот

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) – Во тековната година на двата аеродроми во земјава се опслужени повеќе од три милиони патници, што е нова рекордна бројка во авиосообраќајот во земјава, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Министерот Благој Бочварски, по тој повод денеска оствари работна средба со генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Неџат Курт, на која било разговарано за постигнатите резултати и развојот на авиособраќајот во Северна Македонија. 

Бочварски потенцираше дека и за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени преку сто милиони денари за финансиска поддршка за нови авиолинии. Тој изрaзи задоволство од заедничката соработка со „ТАВ Македонија“ која во континуитет работи на развој на ависообраќајот во земјава.  

„Како и сите земји во светот, ковид пандемијата негативно влијаеше врз авиосообраќајот и во нашата земја. Но тие состојби ги надминавме и денеска можеме да бидеме горди заедно со ТАВ Македонија бидејќи имаме нови рекорди на превезени патници. Три милиони патници се бројка која ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање на нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија.  Верувам дека вака поставените политики ги оправда плановите на Министерството, а тоа се воспоставување на нови дестнациии за граѓаните како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот ја искористи можноста на генералниот директор Неџат Курт да му врачи благодарница за остварените резултати, како и за логистичката поддршка на компанијата во успешната реализација на Самит на ОБСЕ неодамна одржан во Скопје. 

Инаку, компанијата „Aeroports de Paris“ што поседува 46 отсто од акциите на „ТАВ“ претходно денеска соопшти дека оваа година за 32,1 насто е зголемен бројот патници опслужени на меѓународните аеродроми во Охрид и во Скопје во периодот јануари – ноември, споредбено со истиот период лани.

Според податоците објавени од „Aeroports de Paris“, само во ноември бројот на патници достигна 244.719, што е за 54,1 насто повеќе од ноември 2022 година.

За истиот период до и од двата аеродроми резлизирани се 21.941 лет, што исто така е занчително зголемување од 22,1 насто во споредба со првите 11 месеци од 2022 година.

Само минатиот месец на двата аеродроми се реализирани 2.006 полетувања и слетувања или 45,2 проценти повеќе отколку во ноември минатата година. аб/са/

Фото: Министерство за транспорт и врски

Остани поврзан