• среда, 25 декември 2024

Бочварски од Валандово: Реконструиравме преку 180 улици во општините

Бочварски од Валандово: Реконструиравме преку 180 улици во општините

Валандово, 2 февруари 2024 (МИА) - Во континуитет го подобруваме животот на граѓаните, а урбаниот развој и подобрување на локалната инфраструктура во општините се нашите приоритети и ние активно работиме на нив. Централната власт останува најголем поддржувач и инвеститор во општините, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на Општина Валандово.

Министерот Бочварски со градоначалникот Перо Костадинов денеска потпишаа и Договори за реализација на инфраструктурни проекти во општина Валандово, а извршија увид во изградбата на локалниот пат за поврзување на населените места Јосифово и Калково, проект кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски. Исто така извршија увид и на завршениот локален пат во населенот место Горна Маала во село Јосифово, инвестиции со вкупна вредност од преку 20 милиони денари.

-Ова се многу значајни средства за локалната самоуправа и убеден сум дека даваме силен инпут за развој на општината и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашиот приоритет останува ист - модернизација на инфраструктурата во општините, бидејќи тоа носи директен бенефит за населението. Општина Валандово е една од општините која максимално ги користи средствата што централната власт ги има наменето за поддршка на локалните самоуправи, а ние преку Министерството за транспорт и врски тука инвестираме како во патната, така и во комуналната инфраструктура и исклучително сум задоволен од досегашната соработка која ја имаме со градоначалникот Костадинов, изјави министерот Бочварски.

Градоначалникот Костадинов најави продолжување на активностите со цел модернизација на целокупната инфраструктура во Општината.

-Со министерот Бочварски и Министерството имаме исклучителна соработка изминатите години и до сега реализиравме голем број проекти со кои општина Валандово може да се пофали. Во делот на комуналната инфраструктура работевме заедно на изградба на примарната водоводна мрежа до селото Калково. Граѓаните ја забележуваат градежната активност која се случува во нашата општина и верувам дека правиме вистински напредок во делот на подобрување на условите за живот на сите. Сите граѓани ни се подеднакво важни и така продолжуваме понатаму, истакна Костадинов. рт/мд/

Фото: Влада

Остани поврзан