• сабота, 23 ноември 2024

Бочварски: Обезбедивме околу милион евра за реконструкција и изградба на инфраструктура во општина Кочани

Бочварски: Обезбедивме околу милион евра за реконструкција и изградба на инфраструктура во општина Кочани

Кочани, 12 април 2024 (МИА) – Министерството за транспорт и врски обезбеди над 60 милиони денари во повеќе проекти за подобрување на сообраќајната и другата инфраструктура во општина Кочани, со што се унапредуваат условите за живот на граѓаните и се менува изгледот на градот, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешниот увид во реконструирањето на улици во Кочани.

-За реконструкција на улицата „Борис Трајковски“ инвестираме околу 12 милиони денари, а потоа ќе продолжи и реновирањето на улицата „Гоце Делчев“ за која се обезбедени 15 милиони денари. Претходно, реконструиравме уште три улици во градот, со што освен на регионалната патна мрежа, внимание дадовме и на локалните сообраќајници. За општина Кочани на располагање имаме околу еден милион евра, од кои дел се веќе инвестирани и реализирани. Во изминатиот период завршивме и со реконструкција на патниот правец до Пониква, реконструиравме 15 мостови на патниот правец кон Делчево, обновена е обиколницата околу Кочани, истакна министерот Бочварски.

Реализацијата на инфраструктурните проекти во претходните години се одвивала во отежнати услови поради Ковид пандемијата и енергетската криза, но и покрај тоа инвестициите не биле прекинати во ниту една општина во државата.

-Како министер соработував со две локални власти во Кочани, и од СДСМ и со градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, се работи нормално, без опструкции, таа соработка дава резултат и така ќе продолжиме и во иднина. Овде завршивме и со социјалната станбена зграда која има веќе и технички прием, но поради изборниот процес мораме да почекаме да завршат изборите и веднаш потоа да биде распишан повикот за распределба на новите социјални станбени единици. Мора да споменам дека имаме уште еден проект, а тоа е Декада на Ромите. Кочани во последните две години има добиено околу три милиони денари за два проекта кои што општината проценила дека се потребни, како и во останатите градови во овој регион, а во моментов се работи во општините Чешиново-Облешево и Карбинци, додаде Бочварски.

Министерот за транспорт и врски рече дека само во последните неколку години изградени и распределени се девет социјални станбени згради во Струмица, Македонски Брод, Гостивар, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Неготино, Гевгелија и Демир Капија, ќе следи распределба во Кочани и Велес, а наскоро ќе почне и изградба на две нови социјални станбени згради во Штип и Прилеп. та/лв/

фото: МИА

Остани поврзан