• недела, 17 ноември 2024

Бочварски на увид во станбена зграда за ранливите категории граѓани во Дебар

Бочварски на увид во станбена зграда за ранливите категории граѓани во Дебар
Дебар, 7 ноември 2022 (МИА) - Министерот за траспорт и врски Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи и директорот на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор Зоран Ѓоргијев денеска во Дебар, заедно со градоначалникот Хекуран Дука извршија увид во изградбата на станбена зграда за ранливите категории граѓани. Се работи за социјална станбена зграда со вкупно 47 станови, во која ќе можат да се згрижат исто толку семејства. - Владата е максимално фокусирана на решавање на статусот на социјално загрозените лица на кои по разни основи станбеното прашање не е решено. Нашата цел е да овозможиме кров над глава, сигурност и подобри услови за живот на најранливите категории на граѓани.Тоа е мотив посветено да работиме на спроведување на владините политики за згрижување на овие луѓе и за изградба на социјални станбени објекти низ цела земја, рече министерот Бочварски. Додаде дека целта на денешта посета на Дебар е да извршат увид во изградба на „еден значаен капитален проект со кој ќе овозможиме пристоен дом на социјално ранливите лица од оваа општина“. - Се работи за социјална станбена зграда со вкупно 47 станови, во која ќе можат да се згрижат исто толку ранливи семејства. Инвестицијата е преку 1 милион евра, но човековата грижа нема цена, посебно за семејства кои немаат свој сопствен дом за живот. Оваа Влада се грижи и ги штити своите граѓани и посветено работи на подобрување на квалитетот на живот и благосостојбата за сите, посочи тој. Изминатиов период, посочи, дадовме силен фокус токму на социјалните згради и за неполни два месеци распишавме три јавни повици за распределба на социјални станови во Пробиштип, Виница и во социјалната зграда во Свети Николе. Според него, изградени односно во фаза на изградба се преку 850 социјални станбени единици низ целата земја, проект кој, како што рече, имаме намера да го продолжиме и следната година. - На терен активно се работи на изградба на зградите во Велес, Скопје, Кочани, Неготино и Гевгелија и согласно новната динамика на завршување така ќе се објавуваат огласи за распределба на становите и во тие општини. Ова е еден од начините како и во овие услови на светска и енергетска криза помагаме на ранливите семејства. Со последниот пакет на мерки Владата дополнително финансиски помагаме за успешно да го надминеме периодот што следи. Со изградбата на социјалните згради во општините ја покажуваме посветеноста да го решиме станбеното прашање на соцјалните семејства, нагласи Бочварски. Директорот на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор Ѓоргијев меѓу другото рече дека градежните работи се одвиваат според планираната динамика и оти истите треба да завршат до следната пролет. Градоначалникот Дука, искажа задоволство од посетата и вниманието што Владата го посветува на Дебар, како и добрата соработка локална власт-влада. - Задоволство ми е што денеска во нашиот град престојуваат првите луѓе на министертвото за транспорт и врски и други гости, што ја потврдува грижата и вниманието што Владата го посветува за Дебар. Тоа е потврда и на добрата соработка локална власт-влада, која ќе ја продолжиме и во иднина. Ова е многу значаен објект за лицата кои се во социјален ризик, а со пуштањето на објектот, 47 семејства конечно ќе добијат покрив над глава, рече меѓу другото Дука. Според него, како локална власт посветуваат посебна грижа за оваа категорија граѓани па со донации од дебрани кои живеат и работат во странство, досега изградени се неколку куќи за нив. Министерот Бочварски се задржа и на проектите од областа на патната инфраструктура, односно рехабилитацијата на делницата Маврови Анови-Жировница, што е дел од патниот правец Маврово-Дебар, како и патот Бошков Мост – Извор. вт/цр

Остани поврзан