• среда, 13 ноември 2024

Бочварски: „МЖ - Транспорт“ не си ја врши работата, од почетокот на идната година ќе ги отвориме вратите за други оператори

Бочварски:  „МЖ - Транспорт“ не си ја врши работата, од почетокот на идната година ќе ги отвориме вратите за други оператори

Прилеп, 20 ноември 2023 (МИА) - Претприајтието „Македонски железници - Транспорт“ не ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него. Поради тоа, во Собранието е законот за либерализација на превозот, на железничкиот сообраќај и очекувам по неговото изгласување, веќе од почетокот на наредната година да ги отвориме вратите на други оператори од регионот кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги. Со тоа ќе ја подобриме и конкурентноста и конкуренцијата, а и граѓаните и компаниите ќе видат бенефит, бидејќи со вакво темпо, убеден сум дека бавно се движи реализацијата на сите процеси кои ги земало ова претпријатие, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.  

Одговорајќи на новинарски прашања по увидот во реконструкцијата на улицата „Леце Котески” во Прилеп, Бочварски истакна дека години и децении наназад „Македонски железници - Транспорт“ работи тешко, во тешки услови, со финансиска поддршка од Владата, за да може да реализира одреден број линии од оперативниот план.

-Факт е дека до пред две години Владата како субвенции за оваа претпријатието исплаќаше шест - седум милиони евра годишно за одреден број линии за патничкиот сообраќај. Минатата година финансиски помогнавме 15 милиони евра, а ова година очекувам поддршката да стигне некаде до 25 милиони евра. Сега ќе го поставам прашањето – дали граѓаните се задоволни од тоа што го прави „МЖ – Транспорт“ и дали ние како Влада сме задоволни? Апсолутно и граѓаните и Владата, сите заеднички ќе констатираме дека тоа претпријатие не ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него, напомена министерот.

Според него, либерализацијата значи дека ќе се овозможи да влезат и други оператори доколку има заинтересирани да оперираат на македонските железнички пруги.

-Ние сме една од двете земји во регионот која што се уште нема либерализација и сите држави коишто вовеле либерализација после неколку години веќе сообраќајот бил подигнат на едно повисоко ниво и за потребите на економијата и за потребите на граѓаните, така што либерализацијата не значи продажба. Либерализацијата значи отворање на пазарот за повеќе оператори да можат да оперираат по македонските железнички пруги, нагласи Бочварски, додавајќи дека денеска се гласа законот за либерализација.    

Тој дополни и дека ќе продолжи изградбата на железничките пруги кон Бугарија.

-Со потпишувањето на Меморандумот со Република Србија преку изработка на акциски план, работни групи ќе почнат проектирање и реализација на проекти што ќе значат раст и развој на железничкиот сообраќај, бидејќи тоа е сообраќајот што во иднината треба да биде доминантен и што граѓаните треба да го користат многу повеќе отколку што денес имаат услови тоа да го прават. 

Бочварски во увид на реконструкцијата на улицата „Леце Котески” беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски. мч/аа/

фото: принт скрин

Остани поврзан