• среда, 27 ноември 2024

Бочварски и Закоњшек во Дојран ја промовираа „Европска недела на мобилност“

Бочварски и Закоњшек во Дојран ја промовираа „Европска недела на мобилност“

Дојран, 21 септември 2023 (МИА) - Зелената агенда е висок приоритет на Министерството за транспорт и врски со што преземаме низа мерки и активности за нејзина промоција како политика на Владата за заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешната посета на општина Дојран.

Министерот заедно со директорот на Постојаниот Секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, денеска ја одбележаа „Европската недела на мобилност“ каде се вклучија во промоција на велосипедот како алтернативно средство за превоз, се со цел да се подигне свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.

-Доколку сакаме поздрава животна средина, подобра иднина за нас и нашите деца, мораме да ги смениме нашите секојдневни навики и затоа сметам дека реформата во транспортните системи е неопходна. Ова е еден од алтернативните видови на превоз преку кој, почнувајќи од најмладите и вклучувајќи ги сите граѓани сакаме да ја подигнеме свеста за користење на алтернативните видови на превоз, кои не само што го намалуваат аерозагадувањето, туку заштедуваат и енергија. Ова е особено изразито во користење на автомобилите. Министерството за транспорт и врски е особено посветено на реализација на агендата за зелен транспорт, каде што се обидуваме преку транспортниот сектор да наметнеме нови мерки во намалување на загадувањето на животната средина, изјави министерот Бочварски.

Според директорот на Транспортната заедница при ЕУ, Матеј Закоњшек, со ова се дава одличен пример како преку поздрав алтернативен превоз може да се влијае на подобрување на квалитетот на животната средина.

-Активно сме посветени на тоа како можеме да се движиме низ нашите градови, нашите населени места на поразличен начин, на зелен и одржлив начин, на поздрав начин. Ова не е само во Европската Унија, туку во цела Европа и навистина се радувам што денеска со министерот Бочварски и овие ученици сме во Дојран каде го промовираме токму велосипедизмот, рече Закоњшек.

Оваа година општина Дојран е дел од глобалната недела на урбана мобилност во која учествуваат 2.695 града од 43 земји во Европа и светот.

-Навистина овие се убави активности каде со вклучување на децата ги учиме на здрави навики и позитивни работи, кои значат заштита на животната средина. Како локална самоуправа се стремиме кон заштитата на животната средина и за таа цел презедовме низа активности за заштита на Дојранското езеро, како врвен приоритет. Во наредниот период е санација на колекторскиот систем и изградба на пречистителна станица, како децениски проблем кој заедно го решаваме со Владата и со поддршка на Словенечката амбасада. Како активност што ја преземаме во глобалната недела на мобилност, општина Дојран набави и 20 електрични велосипеди, како придонес за заштита на животната средина кои ќе ги понудиме на туристите и сите заинтересирани граѓани, изјави градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.

На денешниот настан учествуваа ученици од ОУ „Кочо Рацин“ кои заедно со своите наставници се вклучија во одбележувањето на „Неделата на мобилност“. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан