• вторник, 24 декември 2024

Босна и Херцеговина: Владата на РС по налог на Додик ги прекина односите со САД и Велика Британија

Босна и Херцеговина: Владата на РС по налог на Додик ги прекина односите со САД и Велика Британија

Бања Лука, 23 март 2023 (МИА) - Владата на Република Српска денеска донесе одлука за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија во БиХ, на што американската страна веднаш одговори со порака дека тргнале по „опасен пат“.

Прекин на соработката со американските и британските дипломати во Босна и Херцеговина, претходно најави претседателот на РС Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017, односно 2022 година, откако Вашингтон и Лондон одлучија да го казнат за сепаратистичка реторика и поткопување на Дејтонскиот договор и корупција.

Оттогаш Додик е во постојана вербална војна со дипломатските претставници на овие две влијателни западни земји, а сега ги наведе властите на РС да донесат одлука да ја прекинат комуникацијата со нив под обвинение дека се мешаат во внатрешните работи на БиХ, наведува Хина.

„Владата ќе ги информира надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во денешното соопштение на владата на овој ентитетот,  со образложение дека оваа одлука ги обврзува и политичарите од РС кои се функционери на државно ниво на БиХ.

На одлуката на властите на РС зад која стои Додик реагираше американската амбасада со објава на социјалните мрежи во која посочија дека тоа е уште еден опасен чекор на погрешен пат.

„Тоа е патот на изолација и автократско владеење“, му порачаа на Додик, додавајќи дека тој очајнички се обидува да го одржи својот корумпиран режим. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан