• среда, 25 декември 2024

Босан: Постепено се враќа атмосферата на фолклорните фестивали

Босан: Постепено се враќа атмосферата на фолклорните фестивали
Велико Трново, 25 јули 2021 (МИА/БТА) - Постепено атмосферата на фолклорните фестивали се враќа во Европа, рече во Велико Трново, Филип Босан, претседател на Меѓународниот совет на организатори на фестивали за фолклор и традиционална уметност - ЦИОФФ. Според него, учесниците на фолклорни фестивали од целиот свет копнеат по својата публика, која минатата година ја изгубија поради пандемијата. Тој смета дека повеќе од 400 фестивали ширум светот имаат статус на ЦИОФФ, а се очекува оваа година барем половина да „се вратат“ на задоволство на гледачите и учесниците. Еден од првите настани што „се врати на сцената“ е 23-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал во Велико Трново, што вечерва се отвори во стариот град под мотото „За земјата - со љубов!“. - Акцент е ставен на културата и традициите на Балканот, рече претседателот на организацијата за Бугарија, Емил Павлов. Тој појасни дека пред 2020 година учесниците биле од четири континенти, но сега ситуацијата го ограничува нивниот број. Фестивалот беше отворен со настап на домаќините на ансамблот „Трновче“. Албанскиот државен ансамбл на Република Северна Македонија изведе танц од кичевскиот регион. - Ансамблот постои од 2018 година. Поради состојбата со пандемијата, само 25 негови претставници учествуваат во концертната програма, изјави за БТА, Амир Мамути, шеф на ансамблот. Танчери од романскиот град Јаш исто така ги претставија спецификите на нивниот регион, кој е близу до Молдавија. Играорци од Хрватска, Србија и Турција изведоа традиционален фолклор од нивните земји. Фестивалските вечери ќе траат до 29 јули, со почеток во 20 часот и со слободен влез на сцената на Летниот театар во паркот „Марно Поле“.  

Остани поврзан