• сабота, 23 ноември 2024

Борисов: Во моментов никој не може да формира влада во Бугарија

Борисов: Во моментов никој не може да формира влада во Бугарија

Софија, 27 јуни 2024 (МИА)  - Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, денеска изјави дека во моментов ниту една партија во земјата не може да формира стабилна влада.

Тој изјави дека актуелната ситуација го попречува напредокот на Бугарија за приклучувањето кон еврозоната, цел што тој верува дека може да се постигне доколку има стабилна влада предводена од ГЕРБ, пишува порталот „Новините“.

Борисов ја критикуваше предизборната кампања на одредени партии, велејќи дека политичките партии повеќе беа фокусирани на добивањето изборна предност отколку на ефективно владеење.

Порталот пренесува дека се очекува претседателот Румен Радев по политички консултации со сите седум пратенички групи да соопшти кому ќе го довери мандатот.

Парламентарните избори во Бугарија, петти во последните две години,  се одржаа истовремено со изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, а на нив најмногу гласови доби коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, освојувајќи 68 од вкупно 240 мандати во бугарското Народно собрание.

 Движењето за права и слободи (ДПС) освои 47 мандати, а листата „Промените продолжуваат“ - Демократска Бугарија (ПП-ДБ) освои 39 мандати, пишува порталот „Новините“.

 Партијата „Препород“ освои 38 мандати, а Бугарската социјалистичка партија (БСП) 19, додека зад нив се најдоа „Има таков народ“ (ИТН) со 16 мандати и „Величина“ со 13.сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан